Граѓанските здруженија со апел за чистење на градежен и друг отпад на несоодветни подрачја во Општина Струга

- Локални
452

Граѓански здруженија од Струга преку писмо упатуваат апел до Општина Струга да го решат долгогодишниот проблем со депониите кои, како што велат,  се повеќе неконтролирано можат да се сретнат на различни локации низ општината.

Нивното писмо ви го пренесуваме во целост:

,,Нашиот апел и барање до општината се однесува на секојдневно неконтролирано одлагање на градежен и друг вид на отпад на различни локации низ општина Струга, покрај сите пристапни, магистрални патишта до градот, плодни земјишта, на самиот брег покрај Охридско езеро и покрај реката Црн Дрим.

Општина Струга, припаѓа на регион со особени природни вредности и реткости, бележи голема посетеност како туристичка дестинација, а пред се е живеалиште на преку 60 000 жители кои плаќаат данок и заслужуваат квалитетен живот, животна средина и квалитетни јавни добра. Сепак, со децении сведочиме како се намножуваат диви депонии по сите патишта на влез и излез од Струга; главниот пат од Охрид кон Струга; патот кој води од Струга кон селото Калишта; покрај патиштата од Струга кон сите села; како и многу локации на планината Јабланица.

Од општински органи очекуваме во најскоро време да изнајдат начин да се справат со овие депонии и да ги казнат несовесните граѓани. Ние како граѓани на оваа општина, граѓани кои сакаат да продожат да живеат и делуваат тука, за нас и за идните генерации сакаме чиста и претставителна општина, општина во која ќе дојдат до израз сите нејзини ретки природни и цивилизациски атрибути. Затоа сметаме дека е голем срам што како граѓани дозволивме првата слика за Струга, од каде и да доаѓаш, да бидат дивите депонии.

Од надлежните органи бараме да се направи увид и да се превземат чекори во врска со овој сериозен проблем, поголем надзор, контрола од полиција и казнување, затоа што во спротивно ни следува да се затрупаме со ѓубре!

Веруваме дека и на Општина Струга, и е во интерес да ги отстрани тековните и санкционира понатамошно диво депонирање, и дека во најкраток рок ќе преземат активности за нивно расчистување.

Со почит, неформална граѓанска иницијатива:

Здружение ИНКА

Здружение Багер Генезис 2.0

KAB Struga

АКВА Здружение

Здружение Натура Лаб- Лабуништa

Планинарско Друштво Закамен Струга

 Рупикапра МТБ Сруга

 Здружение Триатлон и пливачки клуб 3дислицплини Струга

 Спортски клуб Соларис Струга

 Здружение за друмски велосипедизам БЕЛО ФАЛАНГА Струга

 Леска крафт 88 ДООЕЛ,,

 

 

Facebook Коментари