Никола Тодороски: Мојата мисија е да ги насмеам луѓето, а сопругата ми е вечна муза

- Интервју, Локални
509

Во денешното издание на емисијата „Play cafe“ што се емитува на Play radio гостуваше познатиот актер и stand up комичар, Никола Тодороски. Го најавивме stand up шоуто „Вештачка интелигенција, природна глупост“ кое во сабота ќе ги насмее стружани,  зборувавме за значајните улоги и претстави кои го менуваат актерот во приватна смисла и ја замислуваат публиката,  за се што актерството носи во својата комичност и трагичност.

Play radio: На 14-ти декември, односно оваа сабота, во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ ќе го преставите вашето шоу „Вештачка интелигенција, природна глупост“. На кои се’ теми ќе ги насмеете стружани?

Никола Тодороски:Oва шоу започнав да го претставувам година и половина. Го изведувам во многу градови, а со задоволство ќе ги испочитувам и стружани, со оглед на тоа дека градовите ни се комшии, на домашен терен сум. Во сабота со малку хумор ќе се освежиме во овие зимски тмурни денови. Во ова шоу опфаќам различни теми за различни возрасти, има шеги за мажи и жени, за фамилијарен живот бидејќи имам стаж како сопруг и родител. Во суштина, тоа се главните теми на кои се шегувам во шоуто, најчесто на своја сметка.

Play radio: Вашиот колега Стрезо Стаматоски, во истово ова студио неодамна рече дека во денешно време е полесно публиката да се расплаче, отколку да се насмее. Го делите ли Вие истото мислење? Знаат ли луѓето да го доживеат тој весел и комичен дух и да се смеат?

Никола Тодороски: Стрезо ми е колега и брат, оваа година си славиме јубилеј, триесет години пријателство. Инаку да, тешко е да насмееш, со мојата сопруга, која исто така е актерка,  секогаш ја водиме таа дебата по дома. Според мене комедијата е потежок жанр, бидејќи таму е невозможно некого да излажеш, или е смешно или не е смешно. Во другите жанрови е малку полесно, кога еден актер толкува некој лик, иако не му се случиле тие околности, може да се стави во таа ситуација. Инаку, во денешно време од низа околности, луѓето дехидрираа од тага и солзи, доволно се растажени. Во секој случај, на сите им е потребно мало освежување. Мојата животна мисија е да создавам насмевки кај луѓето. После секое шоу, без разлика колку публика имало, луѓето ја чувствуваат таа вибрација и се смееме на нештата кои не’ мачат во секојдневието. На крај, многу ми е драго кога си одиме насмеани, бидејќи успевам во тој час, час и половина некого да направам среќен.

Play radio: Доклку би требало да изберете, што Ви е подраго, stand-up комедија или улога во претстава?

Никола Тодороски: Не би можел да ги одделам, тоа е како да бираш едно од две свои деца. Од гледна точка на уметности, сакам да објаснам дека го мразам терминот „тезга“ , настаните кои ги организирам не се „тезга“ бидејќи посветувам многу време за подготовка и вистински се посветувам и се трудам да биде добро, без разлика што не се одвива во театар. Имам колеги за кои самиот театар е „тезга“, се зависи од односот кој го имаш кон тоа што го работиш. Тоа се две уметности со различна технологија на работење. Во претставите играм улоги кои не ги играм во секојдневниот живот, а со stand up искажувам личен став на комичен начин.

Play radio: Играте улоги во силни претстави во емотивна смисла како „Стаклена менажерија“ „Хотел ни на небо ни на земја„ и други, а од другата страна се „Евтини секс приказни“ и кабарето „Two mothers brothers“ Како успевате да преминете од таа емоција до таа. Голема е разликата, многу во себе треба да пропатувате за да станете „некој друг“ во брзо време.

Никола Тодороски: Благодарен сум за ова прашање, бидејќи сега скоро се случи токму тоа. Ја игравме претпремиерата на „Хотел ни на небо ни на земја“, претстава со силни драматични елементи, конкретно мојот лик доживува тешки внатреши кршења, а веднаш по претставата требаше да одиме на прослава на јубилеј на клуб во Охрид каде што настапуваме редовно и требаше во рок од петнаесет минутми да влеземе во сосема друга атмосфера. Човек тогаш може само да се препушти. И искуството си го прави своето, па успеваме.

Play radio: Луѓето Ве знаат најчесто по комедии, а многу успешно играте и силни емотивни ликови можете ли да изберете жанр кој што Ви е подраг?

Никола Тодороски: Во кој и да е жанр, актерот успешно одиграл ако публиката си оди со некое размислување, со одредени прашања и ако примила некаква порака од ликовите. Инаку, во комедијата се пронаоѓам многу повеќе што не значи дека другите жанрови не ми се предизвик. На пример ликот кој го играм во „Ни на небо ни на земја“ беше голем предизвик за мене, тој доживува големи емотивни превртувања, неверојатни нешта му се случуваат на тој лик. Но, кај мене некако така се склопија коцките кога станува збор за комедии, сум имал настапи каде публиката ми покажува дека ужива до делириум, тоа е неверојатно чувство.

Play radio: Како функционирате со сопругата, со оглед на тоа дека сте колеги?

Никола Тодороски: Имам голема поддршка од мојата сопруга и верувам дека и таа од мене. Јавно и се заблагодарувам на мојата вечна муза за поддршката. Таа е директно инволвирана во мојот stand-up  материјал и многу ми е драго кога ја гледам во публика додека се смее точно на тие шеги.

Play radio: Какви се професионалните планови за годинава што доаѓа?

Никола Тодороски: Сигурен сум дека 2020 ќе биде многу плодна година, бидејќи планот е веќе направен, не можам да откривам детали бидејќи времето се’ уште не им е дојдено. Конкретно за проектите кои зависат од мене, ќе има голем пресврт и се надевам дека ќе ја изненадам целата моја публика, ќе се потрудам да бидат задоволни.

За крај уште еднаш да ги потсетам стружани, да си набават билети за шоуто во сабота. На zlatenzab.mk можете да си купите билет онлајн и се ќе биде прекрасно.

Извор: Play radio

Strugaonline

 

 

 

 

 

Facebook Коментари