Од 24 до 29 јуни Струга повторно ќе дише во ритамот на поезијата
Од 24 до 29 јуни 2026 година ќе се одржи јубилејното 65-то издание на најпрестижната поетска манифестација Струшки вечери на поезијата. Мотото на годинашното издание е „Каде што живее поeзијата“.
Околу 70 поети, критичари, преведувачи и литературни работници од земјава и странство, ќе имаат единствена можност да творат, да се инспирираат и да создаваат нови стихови покрај брегот на Охридското Езеро и водите на реката Црн Дрим во амбиент што со децении ги обединува поетите и љубителите на литературата од сите меридијани. Градот на мостовите и оваа година ќе биде светска престолнина на поезијата, место каде зборот станува мост меѓу народите, а уметноста – универзален јазик на поврзување. Во рамките на манифестацијата ќе бидат промовирани 14 наслови, изданија на НУМ Струшки вечери на поезијата.
Манифестацијата и годинава е под покровителство на претседателката на Република Македонија Гордана Сиљаноска Давкова, а финансирана од Министерството за култура и туризам.
Покрај лауреатот на највисокото фестивалско признание „Златен венец“ Анеке Брасинга од Холандија, добитникот на наградата „Мостови на Струга“, Британскиот поет Даниел Хајндс, на јубилејното фестивалско издание учество ќе земат еминентни поети од Македонија, Грција, Турција, Бугарија, Австралија, Албанија, Холандија, Италија…
Отворањето на јубилејното 65-то издание на Струшки вечери на поезијата ќе се одржи на 24 јуни, токму на датумот кога се одбележуваат 165 години од објавувањето на „Зборникот на народни умотворби“ од браќата Миладиновци (објавен на 24 јуни 1861 година во Самобор, во близина на Загреб – Хрватска). Токму тоа е и една од причините поради кои се поместува месецот на одржување на Фестивалот, во период кога се одржуваат најголемите поетски фестивали: Берлинскиот поетски фестивал, Poetry International во Ротердам, Поетскиот фестивал во Бремен, Џенова итн.
Овогодинешното издание на Фестивалот е подигнато на едно повисоко ниво, ќе биде подолго за еден ден, споредено со претходните неколку години и го враќа форматот на професионален фестивал.
Струга е подготвена да ги отвори своите порти за светот и да ја прегрне поезијата во нејзините најразлични форми. Ве покануваме да ја проследите програмата и заедно да ја прославиме уметноста што поврзува јазици, култури и генерации во светската престолнина на поезијата заедно да ги испишеме новите страници на нашата голема поетска приказна.
StrugaOnline

