Од Охрид до Калифорнија: Ирма Гогова го објавува својот прв спот „BLUE”
Охриѓанката Ирма Гогова, победничка на „Ohrid SUPERSTAR” и учесничка на аудициите за „America’s Got Talent” и „American Idol”, на 30 октомври 2026 година го објави својот прв официјален музички спот, „BLUE”, на YouTube.
Од родниот Охрид, преку Скопје, па сè до Калифорнија, Ирма го продолжува својот пат кон остварување на музичките амбиции. „BLUE” е поп-издание со кое се претставува пред пошироката публика и со кое започнува ново поглавје во нејзината музичка кариера.
Од сликарство и дизајн до музика
Ирма е дипломиран сликар и графички дизајнер на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје. Образованието во ликовната уметност и дизајнот е важен дел од нејзиниот креативен идентитет, па покрај музиката, работи и како tattoo артист.
Победничка на „Ohrid SUPERSTAR”
Нејзиниот музички пат започнува со часови по пијано, а продолжува низ години пеење во училишни хорови, каде што станува солистка и настапува низ Македонија и Европа. Пее и на училишни приредби и хуманитарни концерти, а подоцна во бендови и акустични настапи заедно со брат ѝ Марио,во Охрид и Скопје.
Пресвртот доаѓа во 2017 година, кога, на само 17 години, победува на првото издание на талент-шоуто „Ohrid SUPERSTAR” и ја освојува првата награда: 2.000 евра и можност за учество на фестивалите „Езерски бисери” и „Славјански базар”. Токму оваа победа ја направи препознатлива кај публиката и е нејзиното прво поголемо признание за вокалниот талент.
Нов дом, нови можности
Од 2024 година Ирма живее и работи во Калифорнија, САД. Во март 2025 година се претстави на аудиција за светското шоу „America’s Got Talent”, а во 2026 година и на „American Idol”. Иако живее далеку од родниот град, Охрид останува важен дел од нејзината приказна.
„BLUE” – ново поглавје
Со „BLUE”, Ирма ја отвора вратата кон нови музички предизвици, со амбиција нејзината музика да стигне до слушателите во Македонија, на Балканот и во САД.
За Ирма ова не е само објавување на прв спот, туку важен чекор во приказна што продолжува да се пишува.
StrugaOnline

