Одблиску и искрено со Ивица Велоски – ова е неговиот топ три музички избор во емисијата „Слушај Плеј во 2“

- Забава, Локални
2015

Рубриката „Мојот избор“ која секој вторник се емитува во склоп на емисијата „Слушај Плеј во 2“ продолжува да ви ги претставува успешните професионални биографии на познатите ликови од овој регион. Но тука сме и да наслушнеме каква музика преферираат кога се сами со себе или со своите најблиски, надвор од очите на јавноста.  Оваа недела, одблиску се запознаваме со Ивица  Велоски.

Ивица Велоски е роден на 08.09.1984 година во Струга. Својата кариера како музичар (пејач) ја започнал на 14-годишна возраст.

„Најпрво започнав да свирам на тапани, потоа свирев гитара за на крај да ја оформиме групата „Why not“ во која свирев бас-гитара и истовремено  започнав да пеам. Тоа беа моите почетоци. За кратко време, со оформената група создадовме пет авторски инструментални песни за кои освоивме второ место на Рок фестивал во Скопје.  Следната година, на истиот фестивал освоивме главна награда – електрична гитара.“ – се сеќава Велоски на самиот почеток од успешното пишување на неговата професионална биографија.

Во овој период тој е член на бендовите „Balkan Jam“ и „Five fingers“, може слободно да се каже дека ова се едни од омилените бендови во нашиот регион кои прават одлични свирки, доколку сакате да се дел од вашите забави, побарајте го Иво…. .

Ивица Велоски е еден од музичарите кои на македонската музичка сцена своето место го најдоа квалитетно но скромно и ненаметливо. Неговата музичка приказна започна со формирање на бенд, но со текот на времето и самото искуство му донесе и простор да се промовира како соло-пејач.

„Моето најубаво и незаборовно искуство е учеството на „Македонски идол“, тоа беше отскочната даска за почеток на кариерата на македонската естрадна сцена. Но се што е убаво кратко трае. Тогаш, сите учесници на „Идол“  бевме познати и во центарот на вниманието. Тоа се убави и незаборавни моменти. Научивме како да се однесуваме на сцена и надвор од неа. “ – вели Велоски за посериозните чекори кон соло-кариерата.

Тој навистина научи како да се однесува на сцена и надвор од неа, бидејќи публиката го засака најпрво како музичар, а потоа и како личност. После учеството на „Идол“, се редеа понуди за песни и соработки.

Краток период после завршување на музичкото шоу, Ивица стана ексклузивец на продукциската куќа „План Б“, плодот на таа соработка се четири студиски песни и еден видео спот. Во неговата кариера не изостанаа ниту фестивалите. На фестивалот „Макфест“ доби награда за најдобар дебитант, а настапот на фестивалот „Охрид фест – Охридски-трубадури“  му донесе трета награда од публика и награда за најдобар сценски настап.

Покрај тоа што имате можност да го слушате Иво во ноќните клубови и да уживате во неговото пеење, проверуваме што слуша приватно. Ова е неговата топ три музичка препорака за вас за овој вторник во емисијата „Слушај ПЛЕЈ во 2“:

Led Zeppelin – Stariway to Heaven, Затоа што тогаш прв пат, во основно училиште, се вљубив во музиката. Led Zeppelin, Deep Purple, The Doors, Whitesnake, многу други рок и хард – рок бендови за мене беа легендарни и ги слушав деноноќно.

Simple Minds – Hypnotised, Има многу песни кои знаат да ме расположат, а оваа е дефинитивно една од нив. За мене има посебно значење. Енергична, моќна мелодија, едноставно гром од ведро небо. !

Michael Bolton – Can I Touch You… There, Како пејач, можам да кажам дека Болтон располага со најубавиот глас на оваа планета. Затоа се одлучив за негова песна. – вели Иво завршувајќи ја листата од три омилени теми.

StrugaOnline

Facebook Коментари