Лев банер Десен банер

Ѓоко Котески: „Го направивме она во што малкумина веруваа

Шахот во Струга во последните години добива нова енергија, особено преку работата со најмладите. Зад оваа мисија стои Ѓоко Котески, основач на Младинската шаховска школа Струга и директор на Меѓународниот младински шаховски фестивал „Езерска Кралица“ – настан кој прераснува во значајна платформа за младите шахисти од земјава и странство.

За развојот на младинскиот шах во Струга, предизвиците со кои се соочуваат младите шахисти, значењето на „Езерска Кралица“, но и плановите за иднината, разговаравме со Ѓоко Котески.

StrugaOnline: „Езерска Кралица“ годинава го доби името RISING STARS. Што точно стои зад ова име и зошто сметавте дека токму сега е вистинскиот момент за таква промена?

Ѓоко Котески: RISING STARS не е име кое го избравме само затоа што оваа година достигнавме рекорден број учесници. За мене, тоа е признание за седумгодишната работа, раст и развој на „Езерска Кралица“.

Мислам дека токму тоа е суштината на RISING STARS. Сакаме „Езерска Кралица“ да биде место низ кое ќе поминуваат младите шахисти на својот пат кон нешто поголемо.

StrugaOnline: Оваа година фестивалот надмина 100 пријавени играчи, што е рекорд за стандардниот формат. Како го доживеавте тој момент, особено ако се има предвид дека во 2019 година започнавте со околу 55 учесници?

Ѓоко Котески: Искрено, чувството е навистина посебно.

Кога започнавме во 2019 година со околу 55 играчи, не можевме да знаеме до каде ќе стигне приказната. Седум години подоцна, практично ја дуплиравме бројката на учесници на стандардниот формат.

Но, мене повеќе ме радува фактот што зад тие бројки стојат деца, родители, тренери, клубови и федерации од различни земји кои од година во година се враќаат во Струга.

StrugaOnline: Велите дека бројката од над 100 играчи не е најважната работа. Што е тогаш најважно за вас?

Ѓоко Котески: Најважно е што создадовме нешто во кое луѓето веруваат.

Бројката е само статистика. Вистинската вредност е кога едно дете ќе дојде во Струга, ќе игра шах, ќе стекне нови пријатели, ќе почувствува атмосфера и ќе си замине со желба повторно да се врати.

Кога родител или тренер ќе ни каже дека е импресиониран од организацијата, тогаш знаеш дека работата има смисла.

StrugaOnline: Еден шаховски тренер ви рекол дека турнирите на „Езерска Кралица“ се „отскочна даска“ за младите шахисти. Дали токму тоа сакате да стане препознатливоста на „Езерска Кралица“?

Ѓоко Котески: Да. Тоа би сакал да биде една од најголемите вредности на фестивалот.

Не сакаме „Езерска Кралица“ да биде само уште еден турнир на кој децата ќе одиграат неколку партии и ќе си заминат.

Сакаме младите шахисти тука да го направат следниот чекор. Некој можеби ќе дојде како почетник, некој како надежен млад играч, а некој можеби токму тука ќе направи резултат кој ќе му даде дополнителна мотивација за понатаму.

Затоа RISING STARS е многу повеќе од име. Тоа е идеја.

StrugaOnline: По седум години, „Езерска Кралица“ веќе не изгледа само како шаховски турнир, туку како младински шаховски бренд. Кога првпат почувствувавте дека фестивалот прераснува во нешто поголемо?

Ѓоко Котески: Мислам дека тоа се случуваше постепено.

Ние никогаш не сакавме само да ги поставиме масите, таблите и фигурите и да започнеме со турнирот. Од почетокот сакавме да создадеме атмосфера.

Оваа година, кога влегов во салата пред отворањето и ги видов шаховските табли, децата, родителите, знамињата, декорацијата и фотографиите, сфатив дека всушност сè веќе беше кажано.

Не беше потребен посебен говор. Самата сцена зборуваше за тоа што сме создале.

Го направивме она во што малкумина веруваа.

StrugaOnline: Посебно внимание посветувате на изгледот и атмосферата во салата. Зошто ви е толку важно едно дете да не се чувствува само како учесник на турнир, туку како дел од голем настан?

Ѓоко Котески: Затоа што децата тоа го паметат. За едно младо дете не е важно само дали освоило медал. Важно е и какво искуство имало.

Кога ќе влезе во сала и ќе види професионално уреден простор, знамиња, декорација, идентификациска картичка, фотографирање, брендирани материјали и целата атмосфера, тоа му кажува дека неговото учество е важно.

Сакаме секое дете да почувствува дека е дел од нешто големо.

StrugaOnline: Родители и играчи ја споредуваат атмосферата со големи европски младински првенства. Дали тоа е комплимент или дополнителна обврска?

Ѓоко Котески: И едното и другото. Секако дека е голем комплимент. Тоа ни покажува дека она што го правиме има вредност.

Но, истовремено, тоа создава и обврска. Ако еднаш сте поставиле одреден стандард, следната година не можете едноставно да се вратите назад. Ние фестивалот го кренавме на многу високо ниво, и од тоа нема откажување.

Езерска Кралица е пример како треба да бидат организирани младинските турнири во Македонија.

Мора постојано да размислувате што може да биде подобро.

StrugaOnline: Годинава воведовте шаховска фото-рамка, идентификациски беџови и голема банерска конструкција. Зошто ваквите детали се важни?

Ѓоко Котески: Затоа што токму деталите го создаваат целокупниот впечаток. Овие работи можеби изгледаат мали, но кога ќе ги ставите сите заедно, добивате целосен визуелен идентитет на фестивалот.

И најважно – овие новитети не се само за 2026 година. Тие стануваат дел од идентитетот на „Езерска Кралица“ и ќе продолжат да се користат и во следните изданија.

StrugaOnline: Најавивте дека секое следно издание ќе донесува нешто ново. Колку е тешко секоја година да се постави нов стандард?

Ѓоко Котески: Не е лесно. Секогаш постои прашањето: „Што следно?“

Но, токму тоа е убавината. Не сакам секоја година да биде копија на претходната. Сакам секое издание да има нешто ново што ќе ги изненади играчите и родителите.

Секако, дел од идеите ќе ги оставиме за следната година.

StrugaOnline: Велите дека RISING STARS не е крајот, туку „следното поглавје“. Што сакате да биде „Езерска Кралица“ за неколку години?

Ѓоко Котески: Сакам да биде фестивал кој ќе има јасна патека за развој на младите шахисти.

RISING STARS треба да биде местото каде младите играчи ќе се појавуваат, ќе растат и ќе се докажуваат. А потоа, најдобрите треба да добијат можност да преминат на едно уште повисоко ниво.

Токму затоа размислуваме за уште 2 елитни турнири во рамките на Езерска Кралица а тоа се: Lake Queen Challengers и Lake Queen Battle of Champions.

StrugaOnline: Што би значеле овие два елитни турнири за иднината на фестивалот?

Ѓоко Котески: Тие би биле еден вид следно ниво на „Езерска Кралица“. За мене фестивалот не е комплетен ако немаме и елитни младински турнири каде најдобрите ќе можат да играат меѓусебно.

Идејата е „Езерска Кралица“ да има своја пирамида – од младите кои допрва се појавуваат, до оние кои веќе се меѓу најдобрите.

StrugaOnline: Оваа година Battle of Champions не успеа да се реализира. Што значи тоа за иднината на проектот?

Ѓоко Котески: Фактот што оваа година не успеавме да го реализираме не значи дека се откажуваме.

Напротив, идејата останува.

Понекогаш во организацијата мора да прифатите дека нешто нема да се реализира точно тогаш кога сте го замислиле. Но, тоа не значи дека идејата е погрешна.

Battle of Champions останува дел од нашата визија.

StrugaOnline: Дали вашата долгорочна визија е „Езерска Кралица“ да стане место каде младите шахисти го прават првиот чекор кон посериозна шаховска кариера?

Ѓоко Котески: Да, токму тоа. Сакам младите шахисти кога ќе го слушнат името „Езерска Кралица“ да знаат дека тоа е место каде можат да се натпреваруваат со силни играчи, да стекнат искуство и да направат чекор напред.

Ако некој од тие деца еден ден стане мајстор, репрезентативец или професионален шахист и каже дека дел од неговиот развој започнал во Струга, тоа за мене би било едно од најголемите признанија.

StrugaOnline: Колку е тешко да се организира фестивал со повеќе од 100 деца, родители, тренери и гости, а истовремено да се задржи вниманието на секој детал?

Ѓоко Котески: Многу е тешко. Зад еден ваков настан има огромна количина работа која публиката најчесто не ја гледа.

Затоа сакам да им се заблагодарам на целиот тим, на волонтерите, советниците, спонзорите и поддржувачите. Секој има свој дел од приказната.

А особено на моето семејство, кое ми е најголемата поддршка и инспирација.

StrugaOnline: Кој момент од овогодинешното издание лично ви остави најголем впечаток?

Ѓоко Котески: Моментот кога влегов во салата пред отворањето. Доста емотивно го доживеав тој момент.

StrugaOnline: Зад секој успешен фестивал стои голем тим. Оваа година и Градоначалникот на Општина Струга го посети настанот. Колку е важна поддршката за фестивалот од сите тие?

Ѓоко Котески: Поддршката е многу важна. Еве јавно сакам да се заблагодарам на мојот тим, до спонзорите и поддржувачите, до родителите и играчите, до волонтерите и советниците, до моите пријатели, до моето семејство, кои со години ми даваат идеи и мотивација.

Градоначалникот го посети настанот и потврди дека Општина Струга ќе продолжи да го поддржува фестивалот, со цел „Езерска кралица“ да расте и да стане уште попрепознатлива традиција на нашиот град. Toj исто така истакна дека Општината и во иднина ќе поддржува настани кои носат додадена вредност за градот.

Еден човек може да има идеја, но за таа идеја да стане реалност потребни се многу луѓе.

StrugaOnline: Кога сме веќе кај идеите, до каде е проектот за формирање на Балканска Унија на Младински Шаховски Клубови на која Вие сте иницијатор а претпоставуваме и основач?

Ѓоко Котески: Идејата е при крај, веќе се контактирани повеќе младински клубови од Балканот.Начелно има согласност за тоа. До крајот на месецов закажан е првиот онлајн состанок на кој би се дискутирало околу деталите. Кога ќе имаме повеќе информации и тоа ќе го објавиме.

StrugaOnline: До каде сте со шаховската школа,кога почнувате со часовите за оваа учебна година? Ни спомнавте за воведување на нови дигитални методологии за часовите.

Ѓоко Котески: Со часовите почнуваме од 1 Октомври. За кратко ќе го објавиме и огласот за нови членови и со тоа на сите оние кои сакаат да учат шах ќе им обезбедиме тоа да можат и да го остварат. Инаку на Езерска Кралица оваа година учествуваа 10 учесници од школата. Да, точно е тоа. Сакаме да набавиме шаховски робот кој ќе биде програмиран од најлесно до највисоко ниво и кој што сметам дека многу ќе ни помогне околу школата и околу тренинзите со децата. Ако успееме со помош и поддршка од општествено одговорни компании да го набавиме, ќе бидеме првите во Македонија со таква технологија.

StrugaOnline: И за крај – ако треба со една реченица да им објасните на младите шахисти од Македонија и регионот зошто треба да бидат дел од „Езерска Кралица“ 2027, што би им кажале?

Ѓоко Котески: Би им кажал едноставно:

Доаѓајте во Струга. Играјте шах. Натпреварувајте се. Растете. И бидете дел од следното поглавје на „Езерска Кралица“.

StrugaOnline

error: