Почина долгогодишниот фото-хроничар на Струшките вечери на поезијата, Душан Ѓоргон.

Роден во 1940 година, Душан Ѓоргон учел фотографија кај познатиот струшки мајстор Ставре Попоски. Од 1958 година работел во градското студио „Фото – Струга“, а во 1964 година го отворил своето приватно фотографско студио. Душан Ѓоргон работел со позначајните фотографски процеси, од старите камери со стаклени плочи, па сè до најсовремените дигитални камери. Централно место во неговото творештво зазема најзначајниот културно-уметнички настан во градот – „Струшките вечери на поезијата“. Во текот на првите 50 години од СВП, Душан Ѓоргон создаде импресивна фотографска колекција што служи како визуелно сведоштво за богатото наследство на светскиот поетски фестивал. Тој пред јавноста се претстави со две авторски изложби во 2001 и во 2011 година, посветени на 40- и на 50-годишнината од СВП.
Освен во многубројни монографии, антологии и брошури, негови фотографии се изложувани во неколку групни изложби: „Tomas Tranströmer – To Go Into Reality Itself“ (Nobel Museum, 2013); „50 години франкофонија – поглед од Северна Македонија / 50 ans de Francophonie – Vue de la Macédoine du Nord“ (Министерство за надворешни работи, 2020); „60 години ‘Струшки вечери на поезијата’“ (СВП, 2021); „The Road I Walk – Патот по кој чекорам – Ma voie en poésie“ (МАНУ, УНЕСКО и Фондацијата „Ацо Шопов – Поезија“, 2023). Неговата последна изложба беше посветена на 100-годишнината од раѓањето на македонскиот поет Ацо Шопов, во организација на СВП и Фондацијата „Ацо Шопов – Поезија“ а под покровителство на Претседателот на државата.
Facebook Коментари