Лев банер Десен банер

Регионална експертска тркалезна маса во Струга – Партнерите од Западен Балкан ја зајакнуваат регионалната соработка за поотпорни шуми и одржливи рурални егзистенции

Регионални експерти, претставници на владините институции, шумарските институции,
општините, академската заедница, граѓанското општество, развојните партнери и бизнисите
поврзани со шумарството од Албанија, Косово, Црна Гора и Северна Македонија се сретнаа во
Струга на Регионалната експертска тркалезна маса на тема „Интегрирано управување со
шумите на Западен Балкан: Научени лекции, предизвици и насоки за иднината“. Настанот ги
обедини клучните чинители кои имаат важна улога во преточувањето на шумарските
политики во ефективна практика и во утврдувањето заеднички приоритети за продолжување
на регионалната соработка.

Шумите во сливот на реката Дрим имаат клучна улога во регулирањето на водите, зачувувањето на биолошката разновидност, климатската отпорност, снабдувањето со енергија и обезбедувањето егзистенција за руралното население. Истовремено, тие се соочуваат со сè
поголеми притисоци од деградацијата, нелегалната сеча, шумските пожари, сушите, ерозијата, неодржливото користење на шумските ресурси и структурните предизвици во шумарскиот сектор. Справувањето со овие меѓусебно поврзани предизвици бара пристапи што ги надминуваат изолираните интервенции и ги обединуваат обновувањето на шумите,
одржливото управување, институционалната соработка, јакнењето на професионалните
капацитети и економски одржливите локални решенија.

Регионалниот проект „Интегрирано управување со шумите долж сливот на реката Дрим“
одговара на овие потреби преку поврзување на практичните активности за обновување на
шумите и пределите со зачувувањето на биолошката разновидност, јакнењето на климатската
отпорност, развојот на институционалните капацитети и создавањето можности за остварување приходи на еколошки одржлив начин. Проектот е финансиран од Австриската агенција за развој (ADA), во рамките на програмата „International Partnerships Austria“, а го спроведува ЦНВП во четирите партнерски земји, под водство на австриската невладина организација ICEP.

Иницијативата се фокусира на добри практики засновани на локалните потреби, кои можат да се применуваат и пренесуваат и во други земји од Западен Балкан. Од практично обновување на шумите до регионална размена на знаења

Во текот на четиригодишното спроведување, проектот тестираше и демонстрираше пристапи за интегрирано управување со шумите во различни локални контексти. Активностите опфаќаат пошумување и природна обнова на деградирани земјишта, мерки за контрола на ерозијата на почвата, селективно проредување и трансформација на шумите за поголема климатска отпорност, како и применети истражувања, обуки и размена на знаења меѓу шумарските институции, стручните лица, универзитетите, сопствениците на шуми и локалните заедници.

Проектот, исто така, ја поврзува состојбата на шумските екосистеми со одржливиот локален
развој. Поддржаните пристапи вклучуваат користење биомаса за греење, пчеларство, собирање и преработка на недрвни шумски производи, развој на синџири на вредност поврзани со костенот, еко-туризам и други бизниси засновани на шумите и природните ресурси. Овие практични модели покажуваат како обновувањето на шумите може истовремено да ја зајакне отпорноста на екосистемите и да создаде локална економска вредност и можности за одржлива егзистенција на населението.

Во Албанија, Косово, Црна Гора и Северна Македонија, целта на проектот за пошумување е
проширена на вкупно 58,5 хектари и 171.500 засадени дрвја. Регионалниот пристап ги
комбинира садењето дрвја со нивно одржување, природна обнова на шумите, избор на видови
отпорни на климатските промени и активно управување со шумските ресурси. Пилот-мерките и демонстрациските локации не претставуваат само активности за обновување на шумите, туку и практични простори за учење и размена на искуства за институциите, сопствениците на шуми, студентите и локалните заедници.

Регионален дијалог за заедничките предизвици и идните решенија Обединувајќи експертиза и различни перспективи од целиот регион, тркалезната маса создава простор за размена на искуства, дискусија за заедничките предизвици и утврдување приоритети за идна соработка меѓу јавните институции, шумарските експерти, академската заедница, општините, граѓанското општество и бизнис-секторот.

Првата дискусија, на тема „Од политиките до теренот: Како да се обезбеди ефикасна примена
на одржливото управување со шумите на Западен Балкан“, се фокусира на јазот меѓу
политиките и нивната практична примена, институционалните и техничките капацитети,
климатската отпорност, планирањето на управувањето со шумите, како и потребите на јавните и приватните сопственици на шуми.

Вториот панел, на тема „Од шумските ресурси до одржлива егзистенција“, се осврнува на
начините на кои шумите и природните предели можат да создадат локална економска вредност преку одржливи зелени бизниси, одржливи синџири на вредност, еко-туризам и недрвни шумски производи. Во дискусијата се истакнува дека на претприемачите и локалните заедници не им е потребна само финансиска поддршка, туку и техничка експертиза, поддршка за развој на бизнисите, пристап до пазари и долгорочна соработка.

Дискусиите во двата панели ја потврдуваат потребата од регионален пристап, имајќи предвид
дека еколошките предизвици со кои се соочуваат земјите не застануваат на националните
граници. Континуираната соработка меѓу шумарските управи, општините, истражувачите,
бизнис-секторот и локалните заедници е од суштинско значење за поширока примена на
успешните практики, унапредување на системите за шумарски информации и мониторинг, како и за зајакнување на долгорочната отпорност на шумите и руралните економии.
Voices from the partnership

„Денешната регионална експертска тркалезна маса е можност да се осврнеме на постигнатите
резултати, но уште поважно, да погледнеме кон иднината. Не сме собрани овде само за да
презентираме уште еден сет проектни резултати. Тука сме за да размениме искуства, да ги
преиспитаме вообичаените пристапи, да учиме едни од други и да истражиме како успешните
практики можат да прераснат во долгорочни и одржливи решенија.“ Нехат Рамадани, директор на ЦНВП Северна Македонија.

„Во изминатите четири години, нашата соработка во Албанија, Косово, Северна Македонија и Црна Гора придонесе за обновување на 119 хектари шума, засадување на повеќе од 119.000 автохтони дрвја и зајакнување на знаењата на околу 2.100 луѓе за подобра грижа и управување со шумите. Но, нашиот најголем успех се луѓето и партнерствата што стојат зад овие резултати: локалните заедници кои преземаат иницијативи, експертите кои го споделуваат своето знаење и институциите кои соработуваат надвор од националните граници. Верувам дека трајните промени се постигнуваат кога науката ќе ја поврземе со локалното искуство и кога работиме заедно со природата, а не против неа. Нашата цел не е само да ги обновиме шумите денес, туку и да оставиме поздрави предели и посилни
заедници за идните генерации.“ Анила Аљај, директорка на ЦНВП Албанија.

„Иднината на шумите во сливот на реката Дрим бара долгорочна посветеност од сите чинители. Проектите можат да иницираат промени, но нивното трајно влијание зависи од континуираната соработка меѓу институциите, локалните заедници, експертите, бизнис-секторот и развојните партнери, и по завршувањето на поединечните проектни циклуси. Иницијативата „Drin Forest Fu-tures“ има за цел да ги надгради досега постигнатите резултати и регионалната соработка да ја преточи во долгорочни активности за поотпорни шуми и одржлива егзистенција.“ Астрид Таус, раководителка за општествено влијание, ICEP

„Со поддршката на овој проект, Австриската агенција за развој (ADA) ја препознава важноста на шумите во сливот на реката Дрим, кои претставуваат многу повеќе од обичен природен ресурс. Тие придонесуваат за зачувување на биолошката разновидност, зајакнување на климатската отпорност и обезбедување сигурност во снабдувањето со вода. Истовремено, тие имаат директен придонес во благосостојбата на локалните заедници ширум Западен Балкан.“
Дејвид Мукенхубер, Австриска агенција за развој (ADA).

Проектот „Интегрирано управување со шумите долж сливот на реката Дрим“ се спроведува од ноември 2022 година во Албанија, Косово, Црна Гора и Северна Македонија. Неговата цел е да промовира одржливо управување со шумите и зачувување на природата, како и регионален економски развој, преку комбинирање практични мерки за обновување на шумите, контрола на ерозијата, одржливо користење на биомасата, јакнење на капацитетите, практична обука и размена на знаења, институционална соработка и поддршка на одржливи извори на егзистенција засновани на шумските ресурси.

Проектот се темели на соработка меѓу институциите, различните нивоа на управување и секторите. Тој ги обединува локалните самоуправи, шумарските институции, сопствениците на шуми, техничките експерти, универзитетите, локалните заедници и бизнис-секторот со цел развој на практични модели кои се прифатени и поддржани од локалните заедници, можат да се применуваат во поширок обем и се усогласени со долгорочните национални и регионални приоритети.

Проектот го спроведува ЦНВП во Албанија, Косово, Црна Гора и Македонија, во партнерство со ICEP, а е финансиран од Австриската агенција за развој (ADA), во рамките на програмата „International Partnerships Austria“, со дополнителна поддршка од компанијата Lenzing AG.

Австриската агенција за развој (ADA) е федерална агенција на Австрија за развојна соработка ихуманитарна помош. Во име на Република Австрија, ADA поддржува одржлив развој, климатска отпорност и економска стабилност во земјите партнери преку долгорочни програми и регионални пристапи.

ICEP е австриска организација за развојна соработка со долгогодишно искуство во спроведување меѓународни и регионални проекти кои ги поврзуваат заштитата на животната средина, економскиот развој и општественото влијание. Како регионален партнер во проектот, ICEP ја поддржува стратешката координација, регионалната размена на знаења и целното вклучување на релевантната австриска експертиза.

ЦНВП (CNVP) е регионална организација активна во Југоисточна Европа, со значително искуство во одржливо користење на земјиштето, управување со шумите, зачувување на природата и развој на синџири на вредност поврзани со биомасата. Преку своите
канцеларии во земјите од регионот, ЦНВП тесно соработува со локалните власти, сопствениците на шуми и локалните заедници во спроведувањето практични решенија засновани на локалните потреби и услови.

StrugaOnline

error: