СЕРВЕКО 2026 во Охрид: Студентите дискутираа за туризмот, гастрономијата и современите бизнис практики
21.05.2026 213 ViewsСподели
На Факултет за туризам и угостителство – Охрид се одржа Студентската конференција за економија и бизнис во услужните дејности – СЕРВЕКО 2026, која обедини студенти, професори и гости околу актуелни теми поврзани со услужниот сектор, туризмот, гастрономијата и современите бизнис практики.
Конференцијата понуди богата програма со студентски презентации, дискусии и стручни предавања, при што младите истражувачи ја покажаа својата креативност, аналитички пристап и истражувачки потенцијал.
Посебен акцент на настанот беше пленарното предавање на Dr. Laurence Elliott, DNP-AGNP од St. Louis Community College, на тема „Anatomy and Gastronomy: How Food Affects Our Bodies“, посветено на влијанието на храната врз човековото тело и современите навики во исхраната.
Студентите ги презентираа своите трудови пред присутните, по што следуваа дискусии, коментари и препораки од наставниот кадар и гостите, создавајќи простор за размена на идеи и академски искуства.
Особен белег на конференцијата беше и мастер класот на Филип Ондрушек, интернационален шеф и едукатор за одржлива гастрономија, кој одржа предавање на тема „Локални состојки, сезонски менија и Zero-Waste гастрономија“. Преку практични примери и професионални совети, учесниците имаа можност да се запознаат со современите трендови во одржливата гастрономија и одговорното користење на храната.
Од организаторите упатија благодарност до сите студенти, предавачи, гости, наставници и соработници, како и до учесниците од Факултет за технички науки – Нови Сад, Факултет за биотехнички науки – Битола и СОСУ „Св. Кирил и Методиј“ – Охрид, кои придонесоа за успешна реализација на СЕРВЕКО 2026.