Струга на 6 јуни ќе го слави Денот на Европа со музика, уметност и велосипедска тура околу Охридското Езеро
По повод одбележувањето на Денот на Европа 2026, на 6 јуни (сабота) во Паркот на поезијата во Струга ќе се одржи целодневна отворена програма исполнета со музика, креативност, дружење и европски дух.
Настанот ќе ги обедини граѓаните, локалните креативци, уметниците, малите бизниси, организациите и бројни гости од земјата и регионот, создавајќи простор за поврзување на луѓе, идеи и иницијативи.
Во текот на денот посетителите ќе имаат можност да уживаат во богата програма која вклучува DJ сет и релаксирана атмосфера во паркот, базар на локални брендови и креативци, уличен настап на busker артист, зона за освежување и дружење, како и фото-изложбата „EuroVelo: Најдобрите европски рути за велосипедски патувања“ на фотографот и велосипедист Simon Thread.
Посебен момент од програмата се очекува околу 16 часот, кога во Струга ќе пристигнат учесниците на велосипедската тура „Europe Day: Cross-Border Cycling Tour around Lake Ohrid“. Велосипедистите, кои ќе ја обиколат трасата околу Охридското Езеро, ќе бидат придружувани од високи претставници на дипломатскиот кор и амбасадите на земјите членки на Европската Унија.
Во рамките на настанот е предвидено и обраќање на висок претставник од Делегацијата на Европската Унија, по што ќе следува неформално дружење во атмосфера што ги промовира заедништвото, мобилноста и европските вредности.
Организаторите ги покануваат сите граѓани да бидат дел од ова заедничко одбележување на Денот на Европа и да уживаат во програмата која ќе го претвори Паркот на поезијата во место на средби, култура и европска поврзаност.
StrugaOnline

