Ташмаруништа крие богато археолошко наследство: Нови истражувања откриваат траги од живот од железното време до средниот век
Струшкото село Ташмаруништа, познато по својата историја, патриотизам и културно наследство, сè повеќе го привлекува вниманието на археолозите и научната јавност. На површина од околу 7,5 квадратни километри се евидентирани најмалку шест археолошки локалитети кои сведочат за континуиран живот на овие простори од железното време па сè до средниот век.
Селото, кое се наоѓа на десниот брег на реката Црн Дрим, во подножјето на планината Караорман и со поглед кон Охридското Езеро, со децении било предмет на интерес поради бројните сознанија на локалното население за постоење на остатоци од стари градби и археолошки предмети.
Првите официјални сондажни археолошки истражувања во близина на црквата „Св. Архангел Михаил“ биле реализирани во 2009 година под раководство на академик Вера Битракова Грозданова. Тогаш биле откриени остатоци од водоводен канал, погребувања и делови од две градбени целини, како и богат движен археолошки материјал.
Проектот „Геоскенирање и сондажно археолошко истражување во с. Ташмаруништа“ првпат бил одобрен од Министерството за култура и туризам во 2023 година и оттогаш се реализира во повеќе фази.
„Во првата фаза, во 2023 година, извршивме недеструктивни геофизички истражувања на повеќе локации во рамки на црковниот комплекс. Целта беше преку современи методи да утврдиме дали под земја постојат архитектонски остатоци, без притоа да се наруши теренот“, велат од НУ Музеј д-р Никола Незлобински Струга.
Врз основа на добиените резултати, во 2025 година била реализирана втората фаза од истражувањата, при што кустос археолог Светлана Наумоска и виш кустос археолог Бојан Танески спровеле сондажни археолошки ископувања северно и јужно од црквата.
„И во двете сонди откривме цврсто градени ѕидови кои можеби припаѓаат на иста градбена целина. Поради ограничениот простор на истражување не можевме со сигурност да го потврдиме тоа, но наодите укажуваат на значајна архитектонска структура“, посочуваат археолозите.
Меѓу најзначајните откритија се и поголем број погребувања датирани во периодот од XIV до XV век.
„Архитектурата што ја откривме е постара од погребувањата, но точната хронолошка припадност ќе може да се утврди со понатамошни истражувања. Овие наоди потврдуваат дека просторот крие уште многу тајни“, додаваат тие.
Истражувањата продолжуваат и оваа година, благодарение на поддршката од Министерството за култура и туризам, кое ја одобри и третата фаза од проектот како дел од Годишната програма за 2026 година на НУ Музеј „Д-р Никола Незлобински“ – Струга.
„Се надеваме на уште поинтересни наоди кои дополнително ќе ја осветлат богатата историја на Ташмаруништа и регионот“, велат од НУ Музеј д-р Никола Незлобински Струга.
StrugaOnline

