Вчера во Струга одбележани 82 години од ослободувањето
Со свечена церемонија и положување свежо цвеќе пред Споменикот на Револуцијата и паднатите борци, вчера, 8 ноември 2026 година беше одбележана 82-годишнината од ослободувањето на Струга.
На одбележувањето на 8 Ноември – Денот на ослободувањето на Струга, присуствуваа бројни делегации и граѓани, кои со положување свежо цвеќе им оддадоа почит на борците кои ги положиле своите животи за слободата.
Цвеќе положија претставници на Основната организација на борците од Струга, делегација на Општина Струга, општинските организации на политичките партии, почитувачи на делото на Тито, Здружението на пензионери од Струга, делегации од основните училишта, како и бројни поединци.
Свеченостите започнаа во 11 часот пред Споменикот на Револуцијата, каде што присутните со минута почит и положување цвеќе се потсетија на историските настани и жртвите дадени за слободата на градот.
Пред присутните граѓани се обрати претседателот на Сојузот на борците од Струга, Ајредин Мемеди, кој зборуваше за значењето на 8 Ноември и историскиот пат на градот до слободата.
Во своето обраќање, Мемеди потсети на драматичните настани од ноември 1944 година, кога Струга, по долгите години под фашистичка окупација, го дочека ослободувањето и новиот историски почеток.
„Во осмоноемвриската есен 1944 година, Струга беше исправена во сите аспекти на својата локална и национална егзистенција пред еден нов историски почеток. По долгогодишните крвави години под фашистичката чизма, Струга се буди во горко-радосно утро – утро на слобода и смрт, солзи за оние што не го дочекаа тоа и надеж за еден нов историски почеток“, беше истакнато во обраќањето.
Беше потенцирано и стратегиското, но и духовното значење на Струга, градот на реката Дрим и езерските бранови, чие ослободување претставувало важен историски момент и отворање на нова страница во неговиот развој.
Одбележувањето на 82-годишнината од слободна Струга и осмоноемвриските настани и свечености беа во организација на Сојузот на борците од Народноослободителната и антифашистичката војна во Македонија.
Со оваа свеченост Струга уште еднаш се потсети на своето историско минато, на борците и жртвите за слободата, но и на обврската нивното дело и значењето на 8 Ноември да се пренесуваат на идните генерации.
Текст и фото: Стојан Кукунешоски
StrugaOnline

