Вечерва започнува Вевчанскиот карневал 2024, ова е најавената програма

- Локални
431

Вечерва од 20:00 часот започнува традиционалниот и светски познат Вевчански карневал кој негува традиција долга најмалку 1460 години.

„Со векови наназад се провлекува ова чествување на празникот каде Вевчанци се маскираат во очи на дочекот на Нова година по стариот календар. Покрај традиционалните маски на Глупи Август, зетот и невестата секоја година се наоѓаат маски кои директно ја исмеваат или презентираат дадената ситуација или личност која ја одбележаа минатата година“, посочија организаторите на официјалната прес-конференција.

Вевчанскиот карневал кој трае од 12 до 14 јануари вклучува и музичка програма. Вечерва ќе настапат диџеј Ампов, Јанг Деди, Игор Џамбазов и Гуру Харе бенд, како и групата Нокаут. Утревечер ќе има народна музика, а на сцената ќе настапат Акустик бенд, Наум Петрески и Оркестарот на тапани и зурли од Вевчани и на крајот Перо Волк и Коки Биоритам.

„Сето ова е само надополнување на главниот настан на карневалот, дефилето на маските кое се случува на 13-ти јануари во попладневните часови. Тогаш цело Вевчани станува еден голем театар на отворено и сета енергија на василичарите се впива во преубава атмосфера“, потенцираат организаторите.

Промотор на фестивалот годинава е Игор Џамбазов.

„Очекуваме многу гости. Имаме најава од норвешка телевизија које ќе прави патепесна репортажа за Македонија и од цела држава одбрала три пункта, Хераклеа, Охрид и Вевчани.  Ќе дојде и еден од најпознатите блогери на овие простори  кој патува по светот и снима репортажи, станува збор за Путриота блогер од Србија.“ – изјави Џамбазов.

Карневалот завршува на 14 јануари каде со василичарско оро и палење на маските се става крај на настанот кој се организира со векови.

Strugaonline

фото: архива

Facebook Коментари