Затворена самостојната изложба „Оркестрација“ на вевчанката Аница Китаноска
Во НУЦК „Браќа Миладиновци“ во Струга беше затворена самостојната изложба „Оркестрација“ на младата вевчанска визуелна уметница Аница Китаноска. Изложбата беше поставена подолг период, овозможувајќи ѝ на струшката публика да се запознае со нејзиното уметничко творештво.
„Оркестрација“ претставува истражување на универзалниот принцип според кој повеќе различни слоеви и медиуми истовремено градат една целина, без ниту еден од нив самостојно да го содржи целото дело.
Како што посочија кураторите, природата дејствува преку непрекинати процеси во кои материјата постојано се преобразува. Во тој контекст, една нота не ја прави композицијата, како што ниту една капка вода не го содржи езерото. На сличен начин, ниту еден од медиумите присутни во изложбата самостојно не го содржи целото дело.
Целината се создава преку постојаниот дијалог меѓу формата, светлината, звукот и просторот, со што посетителот станува дел од едно мултимедијално уметничко искуство.
Аудиоинсталацијата во рамки на изложбата беше дело на Марко Китаноски, додека отворањето и затворањето на изложбата беа проследени со звучен перформанс на Дамјан Томоски.
Аница Китаноска е родена во 2000 година во Вевчани и е македонска визуелна уметница. Основното образование го завршила во родното Вевчани, а средното уметничко образование во Скопје. Потоа своето образование го продолжила во Италија, каде дипломирала и магистрирала мозаик на Академијата за ликовни уметности во Равена.
Китаноска зад себе има повеќе самостојни изложби во Македонија, Италија и Франција, а нејзиното творештво е препознаено и наградено со повеќе признанија.
Текст и фото: Стојан Кукунешоски
StrugaOnline

