Филипче: Во тек е нова кадаверична трансплантација, двајца пациенти добиваат бубрег од починат донор

- Македонија
384

Утрово на Клиниката за Урологија беа експлантирани два бубрега од 46 годишен пациент кај кој вчера беше потврдена мозочна смрт. Во моментов, во тек е првата трансплантација на бубрег кај 35 годишна девојка која веќе неколку години е на дијализа, по што ќе следи и втората трансплантација.-објави министерот за здравство Венко Филипче. 

„За жал, овој пат немавме соодветен примател на срцето и тоа нема да биде трансплантирано. Се заблагодарувам на семејството на донорот, кое во моментите на најголема болка одлучи да ги донира органите и да спаси уште најмалку два животи. Да се донесе одлука да се даруваат органите на блискиот во моментите кога го губите засекогаш, е тешко. Потребно е многу сила, многу љубов и хуманост да мислите на нечиј туѓ живот кога го губите саканиот. Луѓето кои носат вакви одлуки се посебни. Бескрајно сме им благодарни што уште еднаш ни покажаа дека живот сепак може да се подари.“ – додава Филипче.

Ова е втора кадаверична трансплантација и четврта од жив донор годинава. На 23 мај од починат донор се трансплантираа срце и бубрези. Во период кога здравствениот систем се соочува со ковид-19, Програмата за транплантација продолжува да се реализира.

Strugaonline

Facebook Коментари