Васил Гарванлиев ќе ја претставува Македонија на Евросонг 2020 во Холандија

- Македонија
605

Васил Гарванлиев ќе ја претставува Македонија на Евровизија 2020, што во мај ќе се одржи во Ротердам, Холандија.

Оваа одлука ја донесе Програмскиот колегиум на  Македонската Радио Телевизија, која како активна членка на Европската радиодифузна унија го има правото на избор на учесникот. Праксата да нема „Скопски фестивал“ односно МТВ да го бира претставникот трае веќе неколку години.

-Од кога паметам за себе, музиката e сѐ што правам, за што постојам, а многу често беше и е единствената светла точка во мојот живот. И покрај тоа што имам долгодишно искуство на меѓународни сцени свесен сум за предизвикот и одговорноста што претстојат за време на овој глобален настан, особено после успешниот пласман со Тамара минатата година. Сакам накратко да се oбратам на сите тие кои сонуваат и не се откажуваат од нивните амбиции. Патеката не секогаш е лесна, но еден ден секој чекор изоден напред со вложен труд и искрена љубов кон тоа што го правите ќе вроди со плод. Не се откажувајте никогаш! подготвен сум за ова ново „патување” со отворено срце и искрена приказна, овој пат ветувам дека ќе дадам се од себе за мојата татковина, за сите нас!!! Се гледаме во Ротердам, напиша Гарванлиев на Facebook.

Васил Гарванлиев е дипломиран оперски пејач, познат во јавноста по детскиот хит „Марионка“, а беше и придружен вокал на последниот Евровизиски фестивал заедно со Тамара Тодевска кога Македонија го освои највисокиот пласман, седмо место.

Песната со која Гарванлиев ќе не претставува на Евровизија ќе се бира на конкурс што ќе го распише МТВ.

Strugaonline

фото: aрхива

Facebook Коментари