Лев банер Десен банер

Патувачкото кино на „Македокс“ од денеска гостува во струшките села

Вечерва започнува патувачкото кино на „Македокс“. Екипата патува кон струшко Радожда каде ќе биде сместен базниот камп, а од таму ќе се упатува и кон другите села кои се планирани за оваа година.

Патувачкото кино на МакеДокс ќе се одржи од први до 12-ти јули и ќе има проекции во села околу двете езера, Охридско и Преспанско езеро од македонската и од албанската страна.

Планирани се седум проекции во четири македонски и три албански населени места по следниот редослед: Лабуништа (2-ри јули), Бучимас (3-ти јули), Вишни (5-ти јули), Драслајца (6-ти јули), Пустец (7-ми јули), Луково (10-ти јули) и Лин (11-ти јули). Паралелно со проекциите на документарните филмови ќе се одвиваат и други активности, како патувачката библиотека на МакеДокс со книги собрани со донаторска акција, а кои на крајот ќе бидат донирани на основното училиште во Радожда. По проекциите во Драслајца, Пустец, Луково и Лин планирани се музички забави, а забавата за загревање ќе се одржи на 1 јули во Кингстон бар во Струга.

Паралелно со Патувачкото кино од 5-ти до 11-ти јули ќе се одвиваат сесиите на третата генерација „Докуникулци“, кои оваа година ќе работат во формат на камп за креативен документарен филм, а за прв пат и оваа платформа е поставена регионално со учество на млади од 15 до 18 години од нашата земја, но и од Србија и Албанија. Партнери на МакеДокс во овој проект се Академијата за филм и мултимедија „Маруби“ од Тирана, Албанија, и Филмскиот фестивал „Слободна зона“ од Белград, Србија.

Патувачкото кино на МакеДокс се реализира со поддршка од македонската Агенција за филм, амбасадата на Германија и овозможено е од Western Balkans Fund. Детската филмска програма во рамките на Патувачкото кино е направена во соработка со меѓународниот фестивал Док Лајпциг.

извор: Нова Македонија

фото: архива

error: