Лев банер Десен банер

Струга исплати над 1,5 милиони евра стари долгови, простени и 200 илјади евра камати

Општина Струга во периодот од јануари до септември годинава исплати над 1,5 милиони евра стари обврски акумулирани во изминатите години, со што, според општинските власти, се прави значаен чекор кон стабилизирање на општинските финансии и намалување на финансискиот товар од минатото.

Процесот, како што информираат од Општина Струга, бил инициран од градоначалникот Менди Ќура и опфатил идентификување на старите обврски, преговори со доверителите и нивна исплата.

Од вкупната сума, 570 илјади евра се исплатени преку директни договори со доверителите, додека дополнителни средства биле исплатени преку извршни постапки и механизмот „од должник до должник“.

„Денес имаме јасна порака до граѓаните: финансиите на Општината се санираат, а долговите акумулирани низ годините се исплаќаат. Ги презедовме листите на обврски и започнавме со најстарите долгови. Ги контактиравме доверителите и, преку директни договори, успеавме да исплатиме значителен дел од нив. Вкупната сума достигнува 570.000 евра“, изјави градоначалникот Менди Ќура.

Како дел од процесот на преговори со доверителите, на Општина Струга ѝ биле простени околу 200 илјади евра камати.

Од Општината велат дека простувањето на каматите претставува дополнително олеснување за општинскиот буџет, а постигнатиот договор го поврзуваат со директната комуникација и преговорите со доверителите.

Воедно, Општина Струга упатува благодарност до физичките и правните лица кои, како што наведуваат, покажале разбирање и подготвеност за соработка во процесот на расчистување на старите обврски.

Во последниот период Општина Струга го активирала и механизмот „од должник до должник“, преку кој се овозможува исплата на дел од обврските преку правни субјекти кои истовремено имаат обврски кон Општината.

Според податоците од Општина Струга, преку овој механизам досега биле исплатени околу 780 илјади евра обврски.

Од локалната самоуправа оценуваат дека со исплатата на старите долгови се намалува финансискиот товар и се создава поголем простор за планирање и реализација на нови проекти.

Целта на процесот, според Општина Струга, е расчистување на обврските од минатото, стабилизирање на општинските финансии и создавање финансиска основа за идни инвестиции.

„Струга не може да се развива со бесконечно пренесување на долговите од минатото“, порачуваат од Општината, од каде што најавуваат продолжување на активностите за намалување на старите финансиски обврски.

StrugaOnline

error: