Општина Струга организира планинарска тура на Јабланица по повод Европската недела на спортот
Љубителите на планината и активниот начин на живот ќе имаат можност да бидат дел од планинарска тура на Јабланица, која ќе се одржи на 27 септември по повод Европската недела на спортот 2026.
Настанот го организира Општина Струга, во соработка со Планинарското друштво „КАБ“ – Струга, а учесниците ќе имаат можност да се искачат до највисокиот врв на Јабланица на територијата на Општина Струга.
Планинарската патека ќе биде долга околу 12 километри, со висинска разлика од приближно 750 метри.
За учесниците се обезбедени транспорт, вода, планинарски водич и медицински персонал, со цел турата да се реализира безбедно и организирано.
Право на учество имаат лица над 18 години, кои се во добра здравствена и физичка состојба.
Организаторите потсетуваат дека секој учесник треба да има соодветна опрема за планинарење. Задолжително е да се понесат ранец, доволно вода, храна за време на турата, јакна соодветна за планински услови, капа или шапка, како и квалитетни обувки за планинарење.
Поради можноста временските услови на планина брзо да се променат, од организаторите апелираат учесниците да бидат соодветно облечени и опремени.
Планинарската тура е дел од активностите со кои Општина Струга се приклучува кон одбележувањето на Европската недела на спортот 2026, со цел промоција на спортот, рекреацијата и активниот начин на живот.
StrugaOnline

