Игор Шајноски заедно со струшките спортисти ја одбележува Неделата на улични продавачи

- Локални
659

32 годишниот стружанец Игор Шајноски, кој девет години го продава списанието „Лице в лице“,  Неделата на уличните продавачи ја одбележува заедно со спортистите од Струга. Низ струшките улици денеска тој го продава списанието ,,Лице в лице“ заедно со струшките ракометари, а во понеделник одбележувањето на овој начин ќе продолжи во Охрид.

Oсвен ракометарите, тука е и Мими Стојаноска од Спортски центар ,,Форма Вита “ која му се придружи на Шајноски и изрази поддршка за неговата работа.

Игор Шајноски е момче со Даунов синдром, познат е како единствен вработен уличен продавач во земјава .

Тој е позитивен пример и доказ дека и лицата со попреченост можат сами да ја обезбедат својата егзистенција.

На спортистите кои учествуваат во одбележувањето на Неделата на улични продавачи  ќе им се приклучат и други јавни личности  од земјава, а сите новости врзани за нивното учество, и воопшто за Меѓународната недела на продавачи на уличен печат, ќе бидат споделувани и на социјалните мрежи на „Лице в лице“ на: Инстаграм (@licevlice) и на фб страната.
Продавачите може да се поддржат и онлајн, преку претплата на дигиталното издание, на следниов линк.

Инаку, за прв пат оваа година, заради пандемијата, Меѓународната недела на продавачи на уличен печат нема официјален глобален предзнак, туку се одбележува по иницијатива на уличните списанија, членки на Меѓународната мрежа со седиште во Глазгов. Нашата земја, овој настан, кој ја слави работата на продавачите, ќе го одбележи  по 9-ти пат, при тоа, почитувајќи ги сите протоколи на заштита.

Во земјава се регистрирани 35 улични продавачи на „Лице в лице“ во 6 градови, односно во Скопје, Битола, Струга, Неготино, Тетово и во Куманово.

Strugaonline

 

Facebook Коментари