Cinedays warm-up 2021-Eвропско патувачко кино под отворено небо викендов во Струга

- Локални
653

Во рамки на Cinedays warm-up 2021-Eвропско патувачко кино под отворено небо, на 9-ти и 10-ти јули публиката во Струга ќе има можност да проследи интересни филмови и да учествува на работилници на актуелни теми.

Утре, петок , 9-ти јули со почеток во 21:00 часот  на летната сцена при Центарот за култура ,,Браќа Миладиновци“ во Струга ќе се прикажува краткиот македонски филм ,,Љубовникот“ во режија на Игор Иванов, а половина час подоцна публиката ќе има можност да го проследи данскиот филмот ,,Хакер“

Потоа ќе следува разговор со Александар Јосифовски, мрежен инженер, учесник во гејминг настани и турнири.

Разговорот ќе биде на тема- најчести форми на злоупотреба на интернет и темната страна на дигиталната технологија, ризици и потенцијални опасности на интернет и дигитални медиуми, зависност од интернет и дигитални технологии.

Во сабота со почеток во 20:30 часот ќе има проекција на францускиот филм ,,Патешествието на принцот“.

Потоа ќе се одржи работилница за филозофија со деца (наменета за деца над 8 години) со д-р Мартин Поповски, член на организацискиот одбор на Филозофскиот Филмски Фестивал, реализатор на часови по филозофија со деца во “Училница” (платформа за едукација на деца и млади) и пионер во областа на филозофијата со деца во земјата.

Цел на работилницата е низ филозофска промисла инспирирана од филмската уметност, да ги негува и развива детската вчудовиденост, љубопитноста, критичкото и творечко мислење и имагинацијата, врз база на принципот „не постои погрешен одговор“, без притоа детето да биде наведувано или да му бидат наметнувани гледишта и ставови кои самото низ својот критички апарат ги нема промислено. 

За крај, со почеток во 23:00 часот ќе се емитува краткиот македонски филм ,,Градина од камен“  во режија на  Даријан Пејовски. 

Strugaonline

Facebook Коментари