Годинава што изминува сите ние ќе ја паметиме како година во која се опоравуваме од корона кризата која и тоа како го погоди фолклорот, КУД “ИЛИНДЕН” Струга и покрај се, забележува многу активности што успеа да ги реализира од својата програма за работа.

,, На почетокот од годината организиравме online работилници со кои бевме во постојан контакт со нашите членови.
Во март, април и мај одржавме голем број на едукативни работилници за облекување, заплетување, украсување и изработки.
Летото го започнавме со настап во Центарот за култура во Струга по повод јубилејот 160 години од издавањето на зборникот на Браќата Миладиновци. Во јули нашите членови од вториот состав беа учесници на фолклорен фестивал во Вионица – Босна и Херцеговина. Истиот месец вокално-инструменталниот состав настапи на реномираниот фолклорен фестивал “Илинденски денови” во Битола каде ја освои и првата награда од жири комисијата како најуспешен ансамбл кој презентира староградска музика и игра. Во август зедовме учество и на фестивалот за народна култура “Пображење” во Вевчани. Крајот на истиот месец беше нашиот фолклорен фестивал “Фолк Мост” кој започна со промоција и изложба на монографијата на нашиот раководител Љупчо Милошески – “Од Љубанишча до Дебор”. На вториот ден од фестивалот успеавме да ја вратиме препознатливата за Струга “Ревија на народни носии” која после 7 години пауза повторно се одржа во Струга. Фестивалот го завршивме со нашиот годишен концерт во паркот на поезијата во Струга.,, -информираат од КУД Илинден.
Септември како и секогаш за КУД Илинден беше месец за упис на нови членови со што нивното друштво се збогати со нови 50 членови. Во Струга оваа година се одржа меѓународна кајакарска регата на чија свеченост при затворањето на манифестацијата настапи нивното друштво. Крајот на месецот го заокружија со учество на семинарот за изворен фолклор кој се одржува традиционално секоја година во Кичево.
Во ноември зедоа учество на смотрите на фолклорни ансамбли за западен регион во организација на СОФАМ кои се одржаа во Охрид.
,,Оваа година ја завршивме со настап во емисијата “Везилка” на Алфа телевизија посветена на градот Струга. Тука исто мораме да споменеме дека оваа година како дел од активностите се и комплетирањето на 10 комплети на женски народни носии од етничкиот предел Струшки Дримкол од Македонците со исламска вероисповед. Навистина исполнета година оставаме зад нас, а посакуваме 2022 година да биде далеку подобра и поуспешна за сите!,, – додаваат од КУД Илинден.
Strugaonline
Facebook Коментари