Јапонскиот поет Шунтаро Таникава е добитник на наградата Златен венец на СВП за 2022 година

- Локални
635

Добитник на „Златен венец“ за 2022 година, главната награда на „Струшките вечери на поезијата“, е Шунтаро Таникава кој е опишан како најзначаен жив јапонски поет.

,,Поетскиот глас на Шунтаро се отелотворува во безграничниот простор меѓу ендемичниот (честопати еретичен и етеричен) лиризам и славењето на антипоезијата, која се спротивставува на традиционалните поетски структури, мотиви и стилови (а чиј предводник беше неговиот чилеански современик Никанор Пара). Исчистеноста од метафори наспроти силниот сјај на сликите во неговото творечко огледало, го носи Шунтаро назад, кон „колибата“, под дрвото на хаику-мајсторот Башо. Автор е на 80 поетски збирки, за кои има добиено бројни книжевни признанија, во Јапонија и во странство. Неговите песни се појавуваат не само во угледни книжевни списанија, туку и во школските учебници и мас- медиумите. Шунтаро се јавува и како автор на драмски текстови, филмски сценарија, плоден есеист, преведувач, автор на литература за деца.,, –  стои во образложението на Управниот одбор на СВП.

Во издание на СВП, во 2005 на македонски јазик  е преведена и објавена неговата книга „Дреболии“.

Наградата на лауреатот ќе му биде врачена на поетското читање „Мостови“, една од централните манифестации на годинешното издание на фестивалот,  што ќе се одржи од 24 до 29 август.

Strugaonline

фото: aрхива

Facebook Коментари