Пензионерките традиционално ја прославија василица
Како по некое не пишано правило, насекаде постарите жители не ги забораваат обичаите сврзани со разни верски празници и како верни чувари на вековните традиции тоа им го пренесуваат на помладите генерации. Така беше и ова година, и по повод прославата на Стара Нова година -Василица, во Струга меѓу пензионерите, по пауза од две години поради пандемијата на ковид 19.

По дваесет и шести пат и оваа година по традиција Активот на пензионерките при Здружението на пензионери од Струга, на 13 јануари 2023 година, ја организира прославата за Стара Нова година – Василица. Во струшкиот ресторан на одморалиштето на Црвен крст „Солферино“, овој ден го одбележаа и се дружеа над 80 пензионерки и пензионери.
Присутните ги поздрави Милорад Трпоски, претседател на Здружението и ИО, при што им посака здравје, долг пензионерски живот, радост и среќа во Новата 2023 година, а воедно им ја честита 36 годишнината од постоењето на Активот на пензионерките. На средбта се обрати и претседателката на Активот Елисавета Лазареска, кои им ги честита празниците на присутните. Богатата трпеза беше збогатена со поделување на струшкиот специјалитет ѓомлезец – кашаник со паричка, кој го имаше приготвено самиот актив на жени. А за наредната година како што налага обичајот, паричката ја усреќи младата пензионерка Јагода Ќелешоска која го презеде кумството за наредната 2024 гдина. Средбата продолжи со песна и во весела атмосфера, за кое се погрижи ресторанскиот оркестар.
Текст и фото: СТОЈАН КУКУНЕШОСКИ

