Во петок ИПА ВЕЛО ЕКСПО, во сабота ИПА вело тура Охрид- Струга-Радожда

- Локални, Спорт
175

Со отворање на ИПА ВЕЛО ЕКСПО и ИПА ВЕЛО штанд на 7-ми јуни, петок, во 19.30 часот на градското пристаниште во Охрид, Интернационалната полициска асоцијација (ИПА), регион Охрид,  го започнува годинешниот ИПА ВЕЛО ВИКЕНД „НА ТОЧАК, ОХРИД И СТРУГА ДА ВИДАМ“.

Како што информираат организаторите, тука пријавените учесници  ќе можат да си ги подигнат своите ИПА ВЕЛО сетови, а во рамките на кампањата, на 8-ми јуни во сабота од 08 часот, започнува рекреативната велосипедска тура Охрид-Струга-Радожда.

-ИПА вело турата Охрид – Струга – Радожда, станува се поатрактивна за вљубениците во рекреативниот велосипедизам а годинава, свое учество пријавија над 100 учесници од Македонија, Босна и Херцеговина, Србија.-информираат од ИПА Охрид.

Со ова вело возење, ИПА Охрид, по осми пат ја афирмира идејата за велосипедско поврзување на двата крајезерски града Охрид и Струга, со современо уредена, безбедна и функционална велосипедска патека.

Од Тимот на ИПА Охрид порачуваат дека денеска, кога државите градат велосипедски автопати, крајно време е, и во охридско-струшкиот регион на Македонија, да имаме безбедни вело патеки а не, да возиме покрај автомобилите, автобусите и камионите, ставајќи се во сериозна и опасна ситуација како ранлива категорија учесници во сообраќајот.

-Не сакаме повеќе жртви-велосипедисти на нашите небезбедни патишта, на кои нема ни трага ни глас од современи вело патеки. Кампањата има за цел, да ги поттикне надлежните од двата крајезерски града- идеални места за велосипедизам, конечно и сериозно да пристапат кон проект за меѓусебно велосипедско поврзување и изградба на безбедна вело патека означена со современа хоризонтална и вертикална сообраќајна велосипедска сигнализација. Охрид и Струга како атрактивни туристички центри во Македонија, треба многу повеќе да направат за ширење на мрежата на велосипедски патеки што силно ќе ги подигне на балканските и светските вело туристички мапи, ќе се збогати туристичката понуда, ќе се привлечат многу повеќе туристи што ќе е огромен бенефит за охриѓани, стружани, за хотелско-туристичките работници, за рент а бајк агенциите и секако, за туристите од Македонија и светот-потенцираат од Интернационалната полициска асоцијација

Претходно, на велосипедската тура учество зедоа и велосипедистите Александар Стојков, Лазо Миноски, Владимир Секулоски и Кирил Марковски од Скопје, кои секоја година ја возат вело турата „Вера тур“ низ Македонија, Србија, Хрватска, БиХ, Црна Гора и Албанија.

Strugaonline

 

Facebook Коментари