Со спектакуларен концерт Балетското студио ,,БАХ“ прослави 30 години постоење

- Локални
528

Во преполна сала во Центарот за култура ,,Браќа Миладиновци“ во Струга, со годишниот концерт насловен ,,Триесет години љубов“, Студиото за танц БАХ синоќа прослави 30 години постоење.

Со раскошна сценографија соодветна на јубилејот и оригинални костими, на концертот настапија сите сто членови на студиото, а  гости беа танцовите студија  Dance team fusion и МАК од Куманово и Еureka Dance Company од Скопје. Публиката која со овации и громогласни аплаузи ги награди баховки, имаше можност да проследи дваесет и пет точки кои изобилуваа со разновидност на стилови.

-Концертот изгледаше и подобро од замисленото, можам да кажам дека сум презадоволна во секој сегмент, од беспрекорно одиграните кореографии на моите членови, преку костими, до сценографија. Беше врвно и многу професионално. Членовите на Балетското студио БАХ покажаа дека се лидери во show dance стилот. Концертот имаше специфичен концепт, а гостите од Скопје и Куманово се вклопија совршено-изјави Тања, кореограф и идеен творец на Студиото за танц БАХ.

Таа додава дека уште еден доказ за успешноста на концертот се пофалбите и честитките што денеска ги добива од сите кои беа присутни на концертот.

-Oвој концерт беше навистина посебен, ќе го паметам по секоја кореографија што ја изведовме, по реакциите на публиката и по танцовата зрелост што ја презентиравме на сцена. Горда сум што сум дел од оваа генерација баховки што се актуелни членови на студиото токму кога се слави триесет години постоење. Јас сум член изминативе десет години, и секој годишен концерт е прекрасен, но самиот јубилеј донесе поинакво чувство годинава. Баш како насловот, концертот беше синоним на љубовта кон танцот што ја негуваме сите овие години-изјави Мила Бојческа, член на сениорската група во ,,БАХ“ .

Во рамки на одбележување на јубилејот, публиката имаше можност да проследи и филм посветен на дел од успесите, искуствата и предизвици што Балетското студио ,,БАХ“ ги имаше изминативе триесет години.

Strugaonline

Facebook Коментари