Вечерва во Охрид започнува летното кино со автомобили (Summer Drive-in Cinema), во склоп на настаните од шестото фестивалско издание на алтернативното културно-забавно лето „Културолошка Иницијатива 5 до 12“.
Според најавената програма, вечерва ќе се прикажува филмот ,,Те дуа, жими мене“– македонски филм од 2023 година во режија на Марјан Гавриловски.
-Маалски џанак, коцкар и армоникаш трудејќи се да ја вратат назад купената жена од Албанија стануваат дел од мафијашка зделка и мораат да се справат со низа на несекојдневни ликови-стои во описот на содржината на овој филм.
Љубителите на седмата уметност, утре ќе имаат можност да го погледнат филмот ,,Ефектот на среќа“ македонски филм од 2019 година во режија на Борјан Зафировски. Во филмот се раскажува приказна за потрагата по среќа која им е заедничка на сите луѓе. Леа е млада девојка која го почнува нејзиниот последен предизвик, теза која бара доказ во верувањето дека среќата може да се пренесува, исто како и чувството на тага, осаменост и мизерија.
-И оваа година, дозволете си да отпатувате назад во времето, на нашиот специјален настан – летно кино со автомобили. Придружете ни се на овие две ноќи под отворено небо, да ги проследиме едни од најдобрите македонски филмови во моменти на топла носталгија и уште потопли свежи пуканки-повикуваат организаторите.
Додаваат дека влезот ќе биде отворен од 20:00 часот, а проекциите започнуваат во 21:00 часот. По почетокот на проекцијата нема да биде дозволено влегување.
Билетите се по цена од 500 денари по автомобил и можете да ги набавите во Кафе бар Шила или на влез.
Strugaonline
Facebook Коментари