Унгарскиот премиер Виктор Орбан од денеска во дводневна официјална посета на Република Македонија и Охрид
Премиерот на Унгарија Виктор Орбан, денеска и утре ќе престојува во дводневна официјална посета на Република Македонија.

Тој ќе се сретне со македонскиот колега Христијан Мицкоски во премиерската вила во Охрид, а во рамки на посетата ќе се остварат и низа билатерални средби на македонските министри со ресорните колеги од унгарската делегација. За утре е најавена и заедничка меѓувладина седница, а на маргините на посетата, најавено е Орбан да посети неколку од знаменитостите на Охрид како црквата Богородица Перивлепта, Античкиот театар и манастирскиот комплекс Свети Наум. Предвидено е премиерите на двете земји да положат цвеќе пред споменикот на Свети Кирил и Методиј во Охрид.
Полициската станица за безбедност во патниот сообраќај ги известува сопствениците на патнички и други моторни возила дека е потребно да ги дислоцираат возилата од паркинг местата на булеварот „Туристичка” и улиците „Коста Абраш”, „Цар Самоил” и кеј „Македонија”.
На 26 и 27.09.2024 година (четврток и петок), на улиците „Илинденска” и „Коста Абраш” ќе биде забрането запирање и паркирање на патнички и други моторни возила, а во тек на движење на возилата во состав на делегациите, привремено за сообраќај ќе биде затворен дел од магистралниот пат Кичево-Охрид, од аеродромот до клучката кај „Распаќе”, булеварите „Туристичка” и „Македонски просветители”, улиците „Абас Емин” и „Кирил и Методиј” како и регионалниот пат Охрид-Св.Наум.
На 27.09.2024 година, безбедносните мерки во сообраќајот ќе бидат преземани и на подрачјето на Пештани и Љубаништа. Апелираат до граѓаните, да ги почитуваат насоките на полициските службеници кои, на овие сообраќајници, ќе вршат физичко регулирање на сообраќајот.
StrugaOnline

