На денешен ден почина стружанецот Константин Миладинов, основоположник на македонската уметничка поезија

- Локални
324

На денешен ден во 1862 година во Цариград, денешен Истанбул, почина Константин Миладинов, познатиот поет од Струга и македонски собирач на народни умотворби.

Тој е автор на песната „Т’га за југ“  со која секоја година започнуваат Струшките вечери на поезијата и една од најпрепеваните македонски песни, со повеќе од 70 препеви на повеќе од 40 јазици.

Константин Миладинов е роден во Струга, каде што завршил основно училиште, додека гимназија учел во Јанина, Грција. Студирал грчка филологија на Филозофскиот факултет во Атина, а потоа и словенска филологија во Москва, каде што членувал во Словенскиот кружок и соработувал во неговиот весник „Братски труд“, како и во весникот „Дунавски лебед“.

Константин заминал во Русија да студира словенска филологија на Филозофскиот факултет при Императорскиот универзитет во Москва. Во време на неговиот престој во Русија го обзема длабока осаменост и тага по родниот крај. Работејќи на редактирање песни и други народни умотворби и нивно подготвување за Зборникот, Константин и самиот почнал да пишува поезија. Поетското творештво на Константин Миладинов, иако скромно, само петнаесет песни, го става на пиедесталот на македонската нова литература како основоположник на македонската уметничка поезија.

Суровата руска зима и бедниот живот штетно се одразиле врз здравјето на Константин, па во 1859 година тој заболел од туберкулоза. Покрај подмолната и тешка болест, Константин го разочарал и неуспехот во настојувањата да се испечати Зборникот на народни умотворби. Основната причина за непечатењето на Зборникот во Москва е судирот на Миладиновци со Цариградската патријаршија во екот на преродбенската борба.

Во 1860 година Константин ја напуштил Москва и на пат за дома се сретнал со хрватскиот бискуп Јосип Јурај Штросмајер, кој прифатил да го финансира печатењето на Зборникот, кој излегол од печат во 1861 година.

Константин зел неколку примероци од Зборникот и во средината на јули 1861 година тргнал кон родниот крај. Патем се задржал во Белград каде што дознал дека неговиот брат Димитар веќе половина година е во турските затвори. Надевајќи се дека ќе успее да го ослободи својот брат, наместо за Струга, тргнал директно за Цариград и никогаш повеќе не го видел родниот крај. Набрзо по пристигнувањето во Цариград и Константин бил фатен и фрлен во цариградските зандани. Обвинети како шпиони против кои, според изјавата на официјалните турски власти, се подготвува судски процес, браќата Миладиновци умреле во цариградските затвори во 1862 година, под досега неразјаснети околности.

Strugaonline

фото: архива

Facebook Коментари