Синоќа во рамките на драмската програма на „Охридско лето” се одигра македонската премиера на театарската претстава „Животот на провинциските плејбои по Втората светска војна или Туѓото го сакаме, своето не го даваме” од Душан Јовановиќ а во режија на Иван Пеновиќ.
Копродукцискиот проект меѓу НУ Драмски театар Скопје, Белградски драмски театар, Градски театар Љубљана и ЈУ „Град театар” од Будва ја воодушеви публиката во преполната сала на Центарот за култура „Григор Прличев” која ги награди одличните актери до долги аплаузи и стоечки овации.
Актерите Марјан Наумов, Јована Спасиќ, Лазар Христов, Марко Гверо, Вукашин Јовановиќ, Соња Стамболџиоска, Нејц Језерник, Јулита Кропец и Лазар Николиќ, секој зборувајќи на својот мајчин јазик, создадоа возбудлива и духовита енергија која предизвика искрена реакција кај публиката.
По текстот на култниот Душан Јовановиќ, оваа комедија со длабока општествена рефлексија прикажа свет во кој хедонизмот, суетата и еротиката се бегство од празнината што демне под површината.
Режисерот Иван Пеновиќ го врати на сцената духот на сексуалната револуција, младешкиот бунт и бесцелната потрага по среќа.
„Комедијата ‘Животот на провинциските плејбои по Втората светска војна или Туѓото го сакаме, своето не го даваме’ на прв поглед донекаде се издвојува од раниот драмски опус на Душан Јовановиќ, одржувајќи ја формата на комедијата сосема верно. Текстот е напишан во 1972 година и за првпат е поставен во Градскиот театар во Љубљана една година подоцна. Напишан е во духот на сексуалната револуција и „пролетта `68″, како и под влијание на околностите во тогашна Југославија на кои реагираа уметниците од најмладата генерација. Во нивните дела, таканаречениот лудизам е специфичен одговор на „тешките” теми обработувани од повоената генерација. Лудизмот се карактеризира со целосно отсуство на какво било трагање по значењето, барање одговори или решенија за човековите егзистенцијални тешкотии. Тој претпочита да ги прифаќа работите онакви какви што се и наместо да бара излез од неволјата, дозволува настаните да се одвиваат преку опуштена игра. Сето ова важи и за „плејбоите”. Тој е виор на жива еротика, младост и невоздржана, никогаш незаситена страст. Меѓутоа, меѓу редови, може да се насетат и празнината, суетата и егоизмот на општеството кое постојано брка задоволство. Денес, половина век по `68-та, суетата и бесцелноста остануваат актуелни, на кои им се придружува потрагата по пари и егзистенцијалниот страв”, вели режисерот Иван Пеновиќ како најава за претставата.
Претходно претставата „Животот на провинциските плејбои по Втората светска војна или Туѓото го сакаме, своето не го даваме” имаше успешната премиера и три изведби на 39. издание на фестивалот „Град театар” во Будва.
StrugaOnline
Facebook Коментари