Во Фондот за здравство се одржаа разговори за унапредување на здравството во „Езерскиот“ регион за 2026 година
Во Фондот за здравствено осигурување на Македонија се одржаа средби со раководствата на болниците од т.н. „Езерски“ или Југозападен регион, при што посебен акцент беше ставен на здравствените установи во Охрид и Струга.
На состаноците учествуваа директорите и претставниците на општите болници во Охрид и Струга, како и на специјализираните здравствени установи – Болницата за кардиоваскуларни заболувања „Св. Стефан“, Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ во Охрид и Болницата за нефрологија во Струга. Разговорите беа насочени кон планирањето и јакнењето на здравствените капацитети за 2026 година.
Од Фондот информираат дека во изминатиот период се надминати дел од клучните слабости во регионот, меѓу кои и проблемите со педијатриската служба во Општата болница Охрид, а паралелно е започнат и процес на обновување на медицинската опрема.
И покрај одредени периоди на стагнација во минатото, Југозападниот регион, а особено Охрид и Струга, и понатаму важат за подрачја со солиден здравствен капацитет и потенцијал за натамошен развој.
Како што беше најавено на средбите, во наредниот период се очекуваат нови позитивни вести за дополнително јакнење на здравствениот систем во регионот. Меѓу најзначајните проекти е и ставањето во употреба на новиот објект на Специјалната болница „Св. Еразмо“ во Охрид, што ќе значи сериозно подобрување на условите за лекување на пациентите од Охрид, Струга и поширокиот регион.
Надлежните институции најавуваат дека ваквите координирани разговори со здравствените установи ќе продолжат и во наредниот период, со цел подобро планирање и поефикасно здравство за граѓаните на Охридско-струшкиот регион.
StrugaOnline

