58. Традиционални Долнодримколски Илинденски Средби во 2026 година ќе се одржат во Горно Луково, Општина Струга
Во 2026 година, селото Горно Луково, во Општина Струга, ќе биде домаќин на 58. Традиционални Долнодримколски Илинденски Средби – една од најдолговечните и најзначајни културно-спортски манифестации во регионот Долни Дримкол.
Настанот, кој повеќе од половина век ги обединува жителите на долнодримколските села, претставува симбол на заедништво, традиција, спорт и културен идентитет, а секоја година привлекува илјадници посетители од земјата и од дијаспората.
Средбите ќе се одржат во веќе воспоставениот традиционален термин.
Свеченото отворање е планирано во петок на 24 јули, во селото Долно Луково, на просторот кај училиштето, додека во недела 26 јули е централниот настан – големиот фудбалски турнир, кој ќе се одигра во Горно Луково.
Традиционално, на манифестацијата учество земаат екипи и претставници од десет села од Долни Дримкол: Долно Луково, Горно Луково, Модрич, Дренок, Нерези, Пискупштина, Безево, Боровец, Јабланица и Лакавица.
Во пресрет на 58-то издание, планирани се низа значајни инфраструктурни активности со цел подобрување на условите за учесниците и посетителите. Меѓу нив се: Средување и асфалтирање на пристапниот пат, реконструкција на фудбалските терени со нова трева и дренажни системи, прочистување на водните канали, уредување на просторот околу терените, приклучок на вода за пиење, изградба на магацин, санитарни тоалети, чешми, просторија за служење храна, како и поставување забавен парк за деца.
Секоја година, Илинденските средби привлекуваат меѓу 5.000 и 6.000 посетители, при што особено значајна е улогата на долнодримколската дијаспора, која токму за овој настан се враќа во родниот крај. Настанот создава простор за дружење, обновување на пријателства и градење нови врски меѓу генерациите.
Организаторите упатуваат повик до сите правни и физички лица да ја поддржат реализацијата на настанот преку спонзорски пакети и донации. Средствата може да се уплатат на трансакциска сметка на Здружението „Традиционални Долнодримколски Илинденски Средби – Струга“, а активна е и онлајн-кампања за донирање преку платформата eCrowd.
🔗 Линк за донирање:
https://ecrowd.mk/projects/c629928e-dc98-411b-b2b8-3feda68e67b7
Поддршката на Долнодримколските Илинденски Средби претставува инвестиција во зачувување на полувековна традиција, развој на локалната инфраструктура, поттикнување на спортот и културата, како и јакнење на заедништвото во регионот.
Со заеднички ангажман, овој настан продолжува да се гради како симбол на гордост, традиција и иднина на Долни Дримкол.
StrugaOnline

