Лев банер Десен банер

Струга доби „Говорна куќичка“ – нов логопедски едукативен кабинет

Од желбата да им помогне на децата и од љубовта кон професијата, Васка Костојчиноска од Вевчани ја создаде „Говорна Куќичка“ – логопедски едукативен кабинет во Струга, кој официјално ги отвори вратите на 3 јануари годинава.

Костојчиноска уште од најрана возраст знаела дека сака да работи со деца, особено со оние на кои им е потребна дополнителна поддршка во развојот. По завршувањето на средното медицинско училиште во Струга, своето образование го продолжила на Медицинскиот факултет во Скопје, насока логопедија, каде стекнала звање дипломиран логопед. Подоцна ги завршила и специјалистичките студии, станувајќи клинички логопед – специјалист.

За време на студиите, таа стажирала во ЈЗУ Центар за рехабилитација на патологија на вербална комуникација во Скопје, каде работела под менторство на проф. д-р Силвана Филипова. Како што вели, токму тоа искуство имало клучно влијание врз нејзиниот професионален развој и пристап кон работата.

„Од мојот ментор научив дека зад секоја дијагноза стои дете со своја приказна, а зад секој напредок – трпелива, индивидуално насочена и посветена работа“, истакнува Костојчиноска.

Поради ограничените можности за вработување во државните институции, таа одлучила да започне приватна пракса. Преку социјалните мрежи, нејзината работа брзо станала препознатлива, а голем број деца започнале логопедски третмани во нејзиниот дом во Вевчани. Првите позитивни резултати кај децата ѝ дале дополнителен мотив за следниот, поголем чекор.

Со поддршка преку кредит за самовработување, таа аплицирала со проектот „Говорна Куќичка“ – логопедски едукативен кабинет во Струга, град кој е лесно достапен за семејствата од струшкиот и охридскиот регион. Денес, овој проект е успешна реалност.

Во „Говорна Куќичка“ се работи на поттикнување и развој на говорот кај деца со доцнење во говорно-јазичниот развој, правилен изговор и артикулација на гласовите, развој на фонолошка свесност, збогатување на речникот, градење реченици, развој на разбирањето на говорот, орално-моторни вештини, комуникациски способности, внимание, концентрација и меморија. Посебен акцент се става и на подготовка на деца за училиште, со фокус на говорно-јазичната подготвеност.

„Говорна Куќичка“ не е само логопедски кабинет, туку безбеден и топол простор каде секое дете се прифаќа такво какво што е. Името ја носи симболиката на дом – место каде децата се чувствуваат сигурно, разбрано и охрабрено да зборуваат, да учат и да растат, без притисок и споредби, преку игра, трпение и многу љубов.

Со овој проект, Струга добива ново значајно место за поддршка на детскиот говорно-јазичен развој, а родителите – партнер на кој можат да му веруваат.

StrugaOnline

error: