Документарниот филм „Приказната за Силјан“ во среда премиерно во Охрид
Визуелно моќниот и длабоко медитативен документарен филм „Приказната за Силјан“, откупен од National Geographic Documentary Films, ќе ја има својата премиерна проекција во Охрид, среда, 11 февруари 2026 година, во НУЦК „Григор Прличев“, со почеток во 20:00 часот. Цената на билетот изнесува 200 денари.
Филмот ја раскажува тивката, но емотивно силна приказна за издржливоста, грижата и малите човечки дела што имаат моќ да ги променат животите. Дејството е сместено во срцето на рурална Македонија, каде што земјоделецот Никола, соочен со притисоците од новите државни политики, случајно наоѓа ранет бел штрк на депонија. Неговата одлука да му помогне на животното станува почеток на неочекувана врска што полека се гради врз доверба и меѓусебна грижа.
Односот меѓу човекот и штркот се претвора во спасоносна врска која му ја враќа смислата на Никола, ги обновува релациите со заедницата и ги оживува старите преданија, како и длабокиот однос на човекот со природата.
Режисерка на филмот е Тамара Котевска, позната по светски наградуваниот документарец Honeyland. Кинематографијата е дело на Jean Dakar, а продукцијата ја потпишуваат Anna Hashmi, Тамара Котевска, Jean Dakar и Jordanco Petkovski, во соработка со продукциските куќи Ciconia Film, Concordia Studios и The Cornershop.
Консултанти за наративот се Верица Недеска, Трифун Ситниковски и Suz Courtiz, а во филмот учествуваат протагонистите Никола Цонев, Јана Цонева, Илина Цонева, Александар Цонев, Александра Цонева, Стојче Филипов и Иле Стојковски. Времетраењето на филмот е 80 минути.
Билетите се во продажба на билетарата во НУЦК „Григор Прличев“ Охрид. Работното време е секој работен ден од 10:00 до 17:00 часот, а на денот на проекцијата од 13:00 до 20:00 часот.
„Приказната за Силјан“ е филм што тивко, но длабоко допира – потсетник дека човечноста и грижата за природата сè уште имаат место во современиот свет.
StrugaOnline

