Загрижувачки фотографии од струшкото крајбрежје: Ѓубре расфрлано долж брегот
До нашата редакција пристигнаа известување и фотографии од загрижени граѓани на Струга, на кои јасно се гледа моменталната состојба на струшкото крајбрежје. Наместо природна убавина и уреден простор, фотографиите прикажуваат расфрлано ѓубре долж брегот, што остава загрижувачка слика за еден од најпрепознатливите симболи на градот.
Според реакциите на граѓаните, најголем дел од вината лежи кај самите посетители и локалното население, кои со недоволна грижа и непокажување општа култура придонесуваат кон загадување на просторот. Крајбрежјето на Струга е природно богатство кое сите го користиме, но очигледно не сите се однесуваме одговорно кон него.
Сепак, покрај индивидуалната одговорност, неопходна е и навремена реакција од надлежните институции односно да се натераат приватните корисници на плажите на нивно редовно одржување со цел ваквите слики да не станат секојдневие.
Граѓаните апелираат дека грижата за природата мора да биде заедничка обврска — и на поединците и на институциите. Само со свесност, одговорно однесување и координирано делување може да се зачува убавината на струшкото крајбрежје, која е подарок од природата, но и обврска за сите нас.
StrugaOnline

