Лев банер Десен банер

Распишан конкурсот за меѓународната поетска награда „Мостови на Струга“ 2026

Фестивалот „Струшки вечери на поезијата“ (СВП), во соработка со УНЕСКО, го најави конкурсот за меѓународната поетска награда „Мостови на Струга“ 2026, наменета за најдобра дебитантска поетска книга од млад автор. Наградата традиционално се доделува по повод Светскиот ден на поезијата – 21 март, кој СВП и УНЕСКО заеднички го одбележуваат секоја година.

Наградата „Мостови на Струга“ е востановена во 2003 година како дел од долгогодишната соработка меѓу СВП и УНЕСКО, со цел да се стимулира, промовира и афирмира поетското творештво како еден од најзначајните креативни изрази на човештвото. На овој ден, покрај чествувањето на поезијата, официјално се соопштуваат и добитниците на наградите „Златен венец“ и „Мостови на Струга“.

Во изминатите години, лауреати на наградата „Мостови на Струга“ биле млади поети од целиот свет, меѓу кои: Ангело В. Суарез (Филипини), Андреа Коте (Колумбија), Маријана Гејде (Русија), Мануа Риме (Белгија), Николина Андова Шопова (Македонија), Паули Тапио (Финска), Моника Херцег (Хрватска), Џерардо Мазучо (Италија), Гевин Бредли (Ирска), Катрин Пиц (Германија), како и добитникот за 2025 година – Матеуш Шимчик од Полска.

Конкурсот за 2026 година е отворен до 5 март 2026 година. Право на учество имаат млади поети до 35 години, со дебитантска книга објавена во 2024 или 2025 година. Кандидатите треба да достават три примероци од книгата, најмалку седум песни преведени на англиски јазик, кратка биографија и ISBN број. Апликациите може да се испратат по пошта, електронска верзија на адресата на СВП: struga@svp.org.mk или spefestival@gmail.com или преку Националните комисии за УНЕСКО.

Наградата вклучува статуетка, паричен износ и објавување на книга на лауреатот во превод на македонски јазик. Добитникот ќе биде објавен на 21 март 2026 година, а ќе биде поканет да учествува на фестивалот „Струшки вечери на поезијата“, кој ќе се одржи од 24 до 29 јуни 2026 година во Струга, каде свечено ќе му биде врачена наградата на манифестацијата „Мостови“.

Со оваа награда, Струшките вечери на поезијата и УНЕСКО продолжуваат да ја потврдуваат својата мисија за поддршка на младите поетски гласови и зацврстување на меѓународниот дијалог преку поезијата.

StrugaOnline

error: