Утре во Europe House Струга ќе се одржи настанот „Осмели се, инспирирај, промени – политичкиот интегритет низ очите на младите“
Политичкиот интегритет и гласот на младите ретко се спомнуваат заедно, особено во контекст на довербата во институциите. Токму затоа, Платформата за одржлив развој „Лице в лице“ организира настан што ги става младите во центарот на јавниот дијалог за интегритетот во политиката и општеството.
Настанот под наслов „Осмели се, инспирирај, промени – политичкиот интегритет низ очите на младите“ ќе се одржи во среда, 11 февруари 2026 година, во просториите на Europe House во Струга, со почеток во 13 часот. Наместо класична конференција, организаторите најавуваат отворен и жив простор за дијалог, каде секој присутен ќе има можност да зборува, да слуша и да размислува за значењето на интегритетот – не само во политиката, туку и во секојдневниот живот.
Во рамки на настанот ќе се отвори дискусија за личните искуства и општествените предизвици со кои се соочуваат младите, како и за прашањата: како да се изгради поодговорно општество и каква улога има младата генерација во таа промена.
По дискусијата, просторот на Europe House ќе се трансформира во уметничка галерија, каде ќе биде отворена изложба на 15-те највисоко оценети дела пристигнати на јавниот повик за млади креативци. Изложбата ќе ги вклучи и победничките решенија, а делата претставуваат силни визуелни пораки за тоа како младите ја доживуваат корупцијата, неправдата, привилегиите и потребата од суштински промени.
На повикот, кој траеше од 21 ноември 2025 до 12 јануари 2026 година, пристигнале 31 уметничко дело, секое со своја автентична приказна – за лавиринтите на моќта, чувството дека напредокот зависи од врски наместо од знаење, за општеството што гледа, но често избира да молчи, како и за генерацијата која е уморна од празни ветувања, но подготвена да инсистира на промена.
Меѓу наградените се млади авторки од Скопје, Куманово и Македонска Каменица, чии дела, и покрај различните пристапи, ја испраќаат истата порака – интегритетот не е апстрактен поим, туку вредност што директно влијае врз секојдневниот живот.
Изложбата ќе биде поставена во EU House – Струга до крајот на оваа недела, а настанот е отворен за сите заинтересирани граѓани.
StrugaOnline

