Институционални средби во УНЕСКО: Струга ја потврди подготвеноста за активна меѓународна соработка
Градоначалникот на Општина Струга, Менди Ќура, како дел од државната делегација на Република Македонија, учествуваше на низа институционални средби во седиштето на УНЕСКО во Париз, со високи претставници на оваа меѓународна организација.
Во рамки на посетата, градоначалникот оствари средби со Насер бин Хамад Ал Хинзаб, претседател на Извршниот одбор на УНЕСКО, како и со Калед Ел-Енани, генерален директор на УНЕСКО. На средбите беа разменети ставови за значењето на меѓународната соработка, институционалниот дијалог и заедничката одговорност во процесите поврзани со заштитата на светското културно и природно наследство.
Посебен акцент беше ставен на улогата на локалните самоуправи во примената на стандардите и препораките на УНЕСКО, како и на потребата од одржливо управување со заштитените подрачја. Во таа насока, Општина Струга ја потврди својата отвореност и подготвеност за активно и конструктивно учество, со цел да даде продуктивен придонес во процесите на заштита и унапредување на заедничкото наследство.
Од Општина Струга истакнуваат дека ваквите средби се значајни за зајакнување на партнерството со УНЕСКО и за продлабочување на институционалната комуникација, особено во контекст на предизвиците со кои се соочуваат подрачјата со статус на светско наследство.
Посетата на Париз претставува уште еден чекор кон градење долгорочна и одржлива соработка, со фокус на одговорно управување, заштита и зачувување на културните и природните вредности од исклучително значење за локалната заедница и државата во целина.
StrugaOnline

