Лев банер Десен банер

Започна садењето на дрвја кај Домот на културата „Браќата Миладиновци“ во Струга

Денес Јавното претпријатие „Комунално“ – Струга започна со активности за садење дрвја во просторот околу Домот на културата „Браќата Миладиновци“. Акцијата е дел од донацијата на садници која беше примена пред неколку недели и претставува значаен чекор кон раззеленување и унапредување на урбаната средина во градот.

Со оваа иницијатива, просторот каде што зборот, уметноста и културата имаат централно место добива ново зеленило, носејќи живот, свежина и надеж за иднината на Струга. Садењето на дрвјата има и симболично значење, бидејќи ја поврзува природата со културното наследство и јавниот живот на граѓаните.

Донацијата беше официјално примена на 6 јануари од компанијата „Глигоров Интернационал“, во соработка со турската компанија „Project-E“, и опфаќа вкупно 1.300 садници наменети за градот Струга. Станува збор за конкретен и вреден придонес кон заштитата на животната средина и долгорочното унапредување на урбаното зеленило.

Во рамки на донацијата се вклучени внимателно одбрани и квалитетни видови дрвја како што се Catalpa Bignononioides, Platanus Orientalis, Photinia Red Robin, Cypress Leylandi и Pinus Silvestris. Овие видови се познати по својата издржливост, прилагодливост на локалните климатски услови и по високата еколошка и естетска вредност што ја нудат на долг рок.

Од ЈП „Комунално“ информираат дека садењето ќе продолжи и на други локации во градот, со цел создавање похумана, поздрава и поубава животна средина за сите граѓани.

StrugaOnline

error: