Водата од струшкиот водовод сеуште небезбедна за пиење
Водата од струшкиот водовод во моментов е здравствено небезбедна за пиење поради енормно зголемена заматеност на изворот „Шум“, како и на сите мерни места низ градот, покажуваат првичните анализи на Центарот за јавно здравје Охрид.
Според доставените информации, измерената заматеност на изворот „Шум“ изнесува 28,56 проценти, додека максимално дозволената концентрација е 1,5 отсто, што претставува повеќекратно надминување на дозволените вредности.
Д-р Лидија Симоноска, специјалист по хигиена и здравствена екологија во Центарот за јавно здравје Охрид, информира дека се земени мостри за лабораториско испитување и од самиот извор, како и од повеќе мерни точки во градот.
– Земени се мостри од вода за испитување. Хлор имаше, но има висок степен на обоеност и висока матност и таа автоматски спаѓа во здравствено неисправна вода. Ги чекаме резултатите кои во четврток треба да бидат готови. Утре повторно ќе излеземе на терен за да земеме нови примероци од изворот и да утврдиме дали матноста се намалува, изјави Симоноска.
Таа посочи дека за надминување на состојбата е потребно механичко чистење на резервоарите, како и зголемување на количината на хлор во системот.
Со соопштение се огласи и Јавното претпријатие „Водовод и канализација“, од каде информираа дека водата во Струга и околината во моментов не е чиста и не треба да се користи за пиење, ниту за други потреби, сè додека не се добијат конечните резултати и не се нормализира квалитетот.
Надлежните апелираат до граѓаните да ги почитуваат препораките и да користат безбедна алтернатива за пиење до целосно расчистување на состојбата.
StrugaOnline

