Градежен факултет – Скопје ќе врши стручна анализа на водоснабдителниот систем во Струга
По официјалното барање поднесено од градоначалникот на Општина Струга, Менди Ќура, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје преку својот Градежен факултет го прифати ангажманот за извршување стручна анализа на водоснабдителниот систем во градот.
Според доставениот одговор од Факултетот, деканот формирал стручен тим составен од тројца професори, кои во наредниот период ќе реализираат теренски увид и детална проверка на клучните сегменти на системот. Анализата ќе ги опфати изворот Шум, изворите во Горна Белица, влезните комори, резервоарите за водоснабдување, локациите на малите хидроелектрани (МХЕ), како и хлорната станица.
Целта на стручниот тим е да изврши сеопфатна проценка на состојбата на инфраструктурата и функционирањето на системот, по што ќе биде изготвен официјален извештај со стручно мислење и конкретни препораки за надминување на утврдените состојби.
Од Општина Струга информираат дека со оваа постапка институцијата пристапува системски, одговорно и транспарентно кон решавање на актуелните предизвици во водоснабдувањето, вклучувајќи ја највисоката академска и стручна институција од областа.
Локалната самоуправа потенцира дека здравјето и безбедноста на граѓаните остануваат безусловен приоритет, а сите понатамошни чекори ќе бидат преземени врз основа на стручните наоди и препораки.
StrugaOnline

