Показна вежба за евакуација при земјотрес утре во ООУ „Кочо Рацин“ Охрид
Утре, 19.02.2026 година, со почеток во 10:00 часот, во општинското основно училиште „Кочо Рацин“ во Охрид ќе се одржи показна вежба за евакуација по сценарио за случен земјотрес и давање сигнал за општа опасност.
Вежбата ќе се реализира според претходно утврдено и детално разработено сценарио за дејствување и евакуација по земјотрес, изработено од Отсекот за превенција при СВР Охрид и Црвен крст Охрид. Со сценариото се запознаени учениците, наставниците, Регионален центар за управување со кризи – Охрид, претставници од Општинскиот инспекторат за образование, како и други релевантни институции.
Во реализацијата ќе бидат вклучени и Територијална противпожарна единица Охрид, службите за Итна медицинска помош и останати надлежни субјекти, со цел координирано и ефикасно постапување во услови на симулирана елементарна непогода.
Вежбата има превентивен карактер и има за цел подигнување на нивото на безбедносни мерки и подготвеност кај учениците и наставниот кадар за поефикасна заштита при земјотреси и други природни непогоди. Таа се спроведува согласно планот за заштита и евакуација при несреќи, како и планот за работа на училиштата во вонредни околности, вклучително и организирање мобилизациски собиралишта.
За време на одржувањето на симулациската вежба, полициски службеници од СВР Охрид привремено ќе ја затворат за сообраќај улицата „Новопроектирана“, која поминува низ охридската касарна, со цел безбедно и непречено реализирање на активностите. Граѓаните се повикуваат на разбирање и почитување на привремениот сообраќаен режим.
Извор: СВР Охрид
StrugaOnline

