Во ООУ „Јосип Броз Тито“ Струга денес се одржа работилница за подигнување свест за ретките болести: „Различни сме – но заедно сме посилни“
Во ООУ „Јосип Броз Тито“ Струга денеска се одржа едукативна работилница со учениците од VI одделение на тема „Различни сме – но заедно сме посилни“, посветена на подигнување на свеста за лицата со ретки болести и предизвиците со кои тие и нивните семејства секојдневно се соочуваат.
Целта на работилницата беше учениците да се запознаат со значењето на поддршката, разбирањето и прифаќањето на различностите. Преку интерактивна дискусија и креативни активности, тие имаа можност отворено да разговараат, да поставуваат прашања и да ги изразат своите ставови и идеи за тоа како можат да придонесат кон создавање поинклузивна и похумана средина.
Наставниците истакнаа дека учениците покажале исклучителна зрелост, емпатија и подготвеност да дадат поддршка. Нивната ангажираност и искрен интерес за темата се уште една потврда дека младите генерации знаат да препознаат вистински вредности и да градат култура на почит и солидарност.
„Различностите нè прават посебни, но заедништвото нè прави посилни“ – беше пораката што одекна од училницата, испратена како поттик за поголема свесност и поддршка кон лицата со ретки болести.
Работилницата ја водеа наставничките Менче Блажеска и Николина Јанкоска, кои преку внимателно осмислена програма овозможија учениците да стекнат нови знаења, но и да развијат чувство на одговорност и хуманост кон заедницата.
StrugaOnline

