Работна средба меѓу градоначалникот на Струга и заменик-народниот правобранител за состојбата со водоснабдувањето
Градоначалникот на Општина Струга, Менди Ќура, оствари работна средба со заменик-народниот правобранител Улбер Руфати и неговиот тим, на која главна тема беше состојбата со водоснабдувањето во општината.
На средбата биле презентирани сите досега преземени мерки и активности насочени кон надминување на проблемите со водоснабдувањето, како и тековните чекори што се спроведуваат за обезбедување стабилно и квалитетно снабдување со вода за граѓаните.
Градоначалникот истакнал дека прашањето се третира со целосна институционална одговорност, без лични или партиски интереси, при што се ангажирани сите релевантни институции, како и приватен експерт со цел изнаоѓање брзо, ефикасно и одржливо решение.
Од Општина Струга потенцираат дека остануваат целосно посветени на конечно решавање на овој витален проблем, нагласувајќи дека обезбедувањето сигурно водоснабдување е врвен приоритет во интерес на граѓаните и нивниот квалитет на живот.
StrugaOnline

