Пионерите на РШ „Динг“ – Струга со победа против лидерот на табелата ГРК Охрид
Стружаните од ракометната школа „Динг“ од Струга во саботата на домашен терен го одиграа големото езерско дерби против екипата на ГРК Охрид. Натпреварот се одигра во спортската сала „Тими“ во Струга, каде домашните пионери прикажаа борбена и квалитетна игра.
Во првото коло од пролетниот дел, младите ракометари на РШ Динг Струга максимално го искористија домашниот терен и му го нанесоа првиот пораз на лидерот во првенството.
По нешто побавниот почеток и израмнетото прво полувреме, струшките ракометари заиграа значително поагресивно и поорганизирано во продолжението. Со цврста одбрана и сигурна реализација во нападот, момците успеаја да направат резултатска предност и да ја задржат до самиот крај.
Крајниот резултат РШ „Динг“ Струга – ГРК Охрид 18:15, со што стружани ги освоија првите бодови во пролетниот дел и испратија јасна порака дека ќе бидат сериозен конкурент во продолжението од сезоната.
StrugaOnline

