Утре во Струга по повод 8 Март ќе се одржи марш под мотото „За секоја што молчела – ние зборуваме“
По повод Меѓународен ден на жената – 8 Март, во Струга ќе се одржи марш под мотото „За секоја што молчела – ние зборуваме“ и „Гласови што не молчат“, со цел подигање на свеста за правата на жените и борбата против насилството.
Настанот е закажан за 8 март 2026 година (недела) со почеток во 12:00 часот на Плоштад Мајка Тереза.
Според програмата, маршот ќе започне со официјално отворање на настанот, по што ќе следува уметнички перформанс насловен „Тишината зборува“. Потоа ќе биде упатен повик за тивок марш, кој ќе се одржи низ централното градско подрачје.
Маршот ќе се движи по следната рута: Плоштад „Мајка Тереза“, преку Чаршиски мост, по левиот кеј на реката Црн Дрим, потоа преку Мост на поезијата и по десниот кеј на реката, по што учесниците повторно ќе се вратат на градскиот плоштад.
По завршувањето на маршот, предвидени се официјални обраќања од градоначалникот на Општина Струга, како и од претставник на ЗРА Аква.
Во рамки на настанот ќе се одржи и свечено потпишување на меморандуми за соработка, со кои се предвидува формирање на Совет за превенција од семејно и сексуално насилство, како и иницијатива за отворање советувалиште за жртви на насилство.
Маршот официјално ќе заврши во 13:10 часот. Организаторите ги повикуваат сите граѓани да се приклучат и со своето присуство да дадат поддршка за погласна борба против насилството и за поголема еднаквост во општеството.
StrugaOnline

