Лев банер Десен банер

Одличен настап на ЏК „Дрим“ Струга на Државното првенство – 13 медали за струшките џудисти

Џудо клубот „Дрим“ од Струга имаше успешен настап на Државното првенство во џудо кое се одржа вчера 15 март во Скопје, во општина Бутел, во организација на Џудо Федерацијата на Македонија, со техничка поддршка на ЏК Радишани. Младите натпреварувачи од Струга освоија вкупно 13 медали во категориите деца и кадети.

Од клубот истакнуваат дека викендот бил особено динамичен и исполнет со предизвици, бидејќи нивните џудисти претходниот ден настапиле и на два различни меѓународни натпревари, а веднаш потоа продолжиле со настап и на државното првенство.

„Овој викенд за нас беше навистина посебен и исполнет со спортски предизвици. Само ден претходно настапивме на два различни меѓународни натпревари, а веднаш потоа продолживме и на Државното првенство. Оваа низа на настапи зборува многу за нашата посветеност, дисциплина и љубов кон спортот, како и за континуираната работа што ја вложуваме во развојот на младите спортисти“, велат од ЏК „Дрим“ Струга.

Во конкуренција на деца, златни медали освоија Ајлин Бајрамоска (-36 кг) и Мелани Јакуповска (-40 кг). Сребрени медали освоија Мила Стојанова (-48 кг), Дарио Стојанов (-22 кг), Ненад Костоски (-38 кг) и Анастасија Јовческа (-36 кг), додека бронзени беа Ивона Мојсова (-32 кг) и Елиф Тала (-36 кг).

Во кадетска конкуренција, Амар Бајрамоски (-60 кг) го освои првото место, Доријан Петкоски (-50 кг) заврши втор, а бронзени медали освоија Драгица Рафтоска (-63 кг), Лука Колевски (-73 кг) и Мелек Тала (-57 кг).

Од клубот нагласуваат дека се горди на сите натпреварувачи кои со борбеност и храброст настапиле на татамито и достојно го претставиле клубот.

„Овие резултати се уште еден доказ дека со труд, дисциплина и тимски дух можат да се постигнат одлични резултати. Нашата цел останува и понатаму да го развиваме џудото, да ги мотивираме младите генерации и достојно да го промовираме спортот, нашиот град и нашата држава на домашните и меѓународните натпреварувања“, додаваат од ЏК „Дрим“ Струга.

StrugaOnline

error: