ООУ „Браќа Миладиновци“ Струга доби ново повеќенаменско игралиште во Струга: Инвестиција во спортот и младите
Во насока на подобрување на спортската инфраструктура и поддршка на младите, Министерството за спорт, предводено од Борко Ристовски, во соработка со градоначалникот на Општина Струга, Менди Ќура, започна со реконструкција на постоечкиот спортски центар во ООУ „Браќа Миладиновци“.
Со проектот е предвидена изградба на современо повеќенаменско игралиште наменето за фудбал, ракомет и кошарка. Новата подлога ќе биде изработена од полипропиленски материјал, кој се користи и на највисоко меѓународно ниво, вклучително и на Летни олимписки игри.
Покрај обновата на теренот, игралиштето ќе биде целосно оградено и опремено со соодветна урбана опрема, со што значително ќе се подобрат условите за спорт и рекреација за учениците и младите во општината.
Според најавите, градежните активности се очекува да завршат во текот на следната недела, по што учениците ќе добијат модерен и безбеден простор за спортски активности.
Од Општина Струга упатија благодарност до Министерството за спорт и министерот Ристовски за поддршката и вложениот ангажман, нагласувајќи дека ќе продолжат со конкретни инвестиции во спортот и создавање на квалитетни услови за развој на младите генерации.
StrugaOnline

