Лев банер Десен банер

Објавена најчудната книга за деца кај нас и во светот на Билјана Лотеска

Во сабота, на 25 април 2026 година, со почеток во 15 часот, на Саемот на книга во Скопје ќе биде промовирана, како што веќе ја нарекуваат, најчудната и најоригинална книга за деца кај нас и во светот – „Полжавчето што си го најде патот“ од авторката Билјана Лотеска. Издавач на делото е „Едука Мак“, издавачка куќа специјализирана за литература за деца и млади.

Станува збор за несекојдневно издание кое ја руши традиционалната форма на читање. Книгата се чита од средината, надесно или налево, оставајќи му на детето да го избере патот и текот на приказната. На тој начин, едно дело содржи две исти, а сепак различни приказни, кои се спојуваат во среќен крај. Наместо класично читање, оваа книга нуди искуство – интерактивно патување во кое детето станува креатор, истражувач и носител на одлуки.

Секоја одлука отвора нова перспектива, секој избор води кон нова емоција, а секое дете создава свој уникатен крај. Во доживувањето значајна улога имаат и оригиналните илустрации на Бисера Лотеска, кои дополнително ја збогатуваат приказната.

Преку оваа нежна и терапевтска приказна, децата природно учат за храброст, трпеливост, добрина и самодоверба, развивајќи емоционална интелигенција и чувство за самостојност. Книгата не е само литературно дело, туку алатка за личен развој и активно учество во раскажувањето.

„Полжавчето што си го најде патот“ е трето дело на Лотеска. Таа претходно ги објави книгите „Жолти чорапи“, која беше меѓу најпродаваните изданија на „Арс Ламина“, како и „Пчеличката Баз“, која доби признанија и беше промовирана во Македонскиот културен центар во Белград, во рамки на манифестацијата „Денови на македонската литература за деца“. Покрај тоа, Лотеска е автор и на два прирачника за воспитно-образовна работа – „Детска планета“ за деца од 3–4 и од 5–6 години.

Во својата изјава по повод новото издание, авторката истакна:

„И во ова издание го вградив сето мое 30-годишно искуство како воспитувачка во работа со предучилишни деца. Како психолог, внесов и нови пристапи кои, според мене, се неопходни во современата детска литература. Така се роди оваа книга, која според рецензентите е прва од ваков вид – најчудна и најоригинална, и по својата структура и по пораките што ги носи.“

Лотеска најави дека нејзиното творештво продолжува со исто темпо. „Летово ќе излезе мојата прва збирка песни за возрасни ‘Тело во орбита’, подготвувам и нова книга за деца инспирирана од Фрида Кало, како и уште едно дело за најмладите. Очигледно, ова ќе биде година на активно и непрекинато творештво“, додаде таа.

Промоцијата на „Полжавчето што си го најде патот“ ветува да биде настан кој ќе внесе нова димензија во детската литература и ќе ја поттикне љубопитноста кај најмладите читатели.

StrugaOnline

error: