Утре во Струга едукативна трибина за хроничните бубрежни заболувања, донирањето органи и трансплантацијата
Здружението на граѓани со бубрежни заболувања „НЕФРОН“ од Скопје, во соработка со Специјализираната болница за нефрологија и дијализа – Струга, утре, 21 ноември 2026 година (сабота) ќе организира едукативна трибина на тема „Да зборуваме за хроничната бубрежна болест, донирањето органи и трансплантацијата“.
Настанот ќе се одржи во хотел „Боград“ во Струга, со почеток во 11:00 часот, а на него ќе учествуваат претставници на здружението „НЕФРОН“, медицинскиот персонал од Специјализираната болница за нефрологија и дијализа во Струга, соработници, граѓани и лица со личен интерес за темата.
Целта на трибината е преку стручни информации, размена на искуства и непосредна комуникација со граѓаните да се подигне јавната свест за хроничните бубрежни заболувања, можностите за нивно лекување, како и за значењето на донирањето органи и трансплантацијата.
Посебен акцент ќе биде ставен на информирањето на јавноста за важноста на органодарителството и трансплантацијата, како еден од најзначајните хумани чинoви кои можат да спасат човечки животи.
Со организирањето на оваа едукативна трибина, „НЕФРОН“ и Специјализираната болница за нефрологија и дијализа – Струга продолжуваат со активностите насочени кон информирање, едукација и поддршка на лицата со бубрежни заболувања, но и кон подигнување на свеста кај пошироката јавност.
Организаторите упатуваат покана до сите заинтересирани граѓани да присуствуваат и активно да се вклучат во дискусијата.
StrugaOnline

